Целта на овој проект е создавање гарантирана мрежа за соодветна заштита на правата на вработените во случај на несолвентност на работодавците во согласност со минималните барања.

Воспоставување на гарантирана мрежа за соодветна заштита на правата на вработените во случај на несолвентност на работодавците, односно во случај на стечај на компаниите во кои работеле, има за цел проектот „Подобрување на заштитата на вработените во случај на несолвентност на нивниот работодавец” што во земјава ќе се спроведува во наредните 18 месеци.

– Целта на овој проект е создавање гарантирана мрежа за соодветна заштита на правата на вработените во случај на несолвентност на работодавците во согласност со минималните барања дефинирани од Директивата на ЕУ 2008/94 како и во согласност на националниот социо-економски контекст. Со законот што треба да биде донесен, дополнително, се врши хармонизација на нашето законодавство со она на ЕУ, изјави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на почетокот на твининг проектот.

Таа додаде дека еден од клучните постулати на европската социјална правда е обезбедување повисока социјална заштита на вработените, како и правна и институционална рамка која ќе гарантира почитување и заштита на работничките права во секоја фаза на деловното работење на нивните работодавци и оти тоа е целта што треба да се постигне со спроведувањето на овој проект.

– Зајакнувањето на институционални капацитети на МТСП и другите релевантни чинители се клучен фактор за успешно транспонирање на Директивата во националното законодавство и натамошно спроведување, рече Шахпаска.

Стефен Худолин, раководител на Одделот за соработка при Делегацијата на Европската Унија, вели дека треба да постојат силни механизми за заштита на правата на работниците, затоа што, како што рече, не станува збор за статистичка бројка, туку за човечки судбини.

– Без оглед на причините за стечај, тоа е нешто што многу тешко се доживува секаде. Но, она што е уште потешко се последиците од нечиј стечај, кои можат да бидат губење на илјадници работни места. И тука не зборуваме само за статистички податоци, туку зборуваме за луѓе кои ги губат своите работни места и наеднаш стануваат ранливи бидејќи немаат со што да ги поддржуваат своите семејства, рече Худолин.

Затоа, додаде, работниците треба да бидат на исто ниво како и сите други доверители, треба да имаат заштита на нивните права и на она што им е потребно на нивните семејства.

Воспоставување на ваквиот систем, како што беше посочено, бара соработка на повеќе чинители и тоа е нешто што овој проект што се спроведува помеѓу Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија како главна институција корисник и Министерството за труд и социјални работи и семејство на Република Словачка, заедно со Регионалната развојна агенција од регионот на Братислава, Словачка, треба да го овозможи.

Словачкиот амбасадор во Македонија Хенрик Маркуш истакна дека Македонија и Словачка се традиционално пријателски земји, и оти Словачка постојано ќе ја дава својата поддршка на земјава на европскиот пат.

– Овој проект е одлична можност за заедничка работа и планирање на иднината во социјалната сфера со силен фокус на зајакнување на правата на работниците во случај на несолвентност на нивните работодавци, и со тоа да се подобри социјалниот систем во вашата земја, рече Маркуш, додавајќи дека добрата заштита на правата на вработените треба да биде во центарот на напорите на секоја влада.