Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на денешната средба со претставничките на Институтот за европски политики разговараше за регионалниот проект поддржан од ЕУ за темелните права на ромската заедница и реинтеграција на повратниците од ЕУ. Проектот го спроведуваат Светска банка, УНДП и Советот на Европа, а директен корисник е Министерсвото за труд и социјална политика.

Улогата на ЕПИ е поддршка на Министерството за труд и социјална политика и УНДП преку подготовка на Методологија за оценка за ранливоста на повратниците на локално ниво, за достапните услуги, локалните потенцијали и партнери кои можат да дејствуваат како релевантни даватели на услуги, во областа на социјалната и здравствена заштита, при обезбедувањето на лична документација и нивна активација на пазарот на труд.

Од ЕПИ информираа дека со проценката на ранливоста ќе бидат опфатени шест општини, а врз основа на резултатите ќе бидат издвоени три од нив за спроведување на натамошните проектни активности.

Министерката за труд и социјална политика, Шахпаска истакна дека прашањето со повратниците во нашата земја е особено важно прашање, земајќи го предвид и евроинтегративниот пат на нашата држава и спроведувањето на поглавјето 23 за правда и човекови права.

„Пристапот кон социјалните услуги, вработувањето на овие лица, образованието и домувањето се главните точки на кои Министерството е подготвено да работи со цел нивна ефективна реинтеграција“, истакна Шахпаска.

Таа се осврна на олеснетиот пристап на гарантирана минимална помош за ранливите категории на граѓани, во кои спаѓаат и повратниците, со цел обезбедување на средства за пристоен живот. Како особено важна министерката ја посочи нивната активација на пазарот на труд, со цел избегнување на можноста за нивна пасивизацијата како дел од системот за социјална заштита.

Министерката Шахпаска изрази силна поддршка на овој проект и подготвеност за соработка со цел негова успешна реализација.