Радмила Шекеринска, министерката за одбрана, вели дека издавањето на последната еврообврзницата од 700 милиони евра во однос на претходните седум ќе ја чини многу поевтино Македонија затоа што овој пат е членка на НАТО.

– Не е случајно тоа што новата еврообврзница ја издадовме со историски најниска камата од 1,625% – тоа е резултат на таа политичка порака на гарантирана безбедност. Влијанието на нашето членство во НАТО не е видливо „од прва“, но во заднината ни ги гради позициите како држава, вели Шекеринска во денешното интервју за МКД.

Македонија позајми нови 700 милиони евра на пазарот, но нето-задолжувањето е 200 милиони евра, затоа што Владата ја враќа за неколку месеци издадената еврообврзница од 2014 година вредна 500 милиони евра. Со тие 200 милиони евра ќе се финансираат тековни потреби, најмногу здравствени потреби, вакцини и лекови, но и дел од пакетот за поддршка на економијата.

– Членството во НАТО ви обезбедува зголемена безбедност, па и перцепција за безбедност, што не е за потценување, што ги охрабрува инвеститорите и ви носи поевтини и подостапни финансии. Јас сум убедена дека во услови на тешка ковид-криза многу потешко ќе доаѓавме до финансиски средства ако банките, кредиторите, па и инвеститорите не гледаа дополнителна доза на стабилност поради членството во НАТО. Веќе ја споменав еврообврзницата: таа е два и пол пати помала од онаа земена во 2014. Тоа на годишно ниво ќе ни заштеди околу 12 милиони евра, кои ќе можеме да ги вложиме во подобра инфраструктура, образование или здравство. Тоа е резултатот на зголемената политичка и економска стабилност и имиџот што го носат членствата во НАТО и ЕУ. Не се доволни сами по себе, но без нив – многу потешко, додава Шекеринска.

За последната анкета во која се нотира намалување на расположението на граѓаните кон НАТО и ЕУ, министерката вели дека не е направена од релевантен извор на истражување.

– Претпоставувам дека вашето прашање произлегува од една анкета што неодамна ја објавивте. Фер е да кажам дека околу тие анкети и резултати имам објективна недоверба: едноставно, не ѝ верувам многу на анкета од агенција што од Груевски доби голем дел од 14-милионскиот (се разбира, во евра) „колач“ за маркетинг, реклами и анкети. Тие најверојатно и тогаш и сега го испорачуваат тоа што нарачателот ќе го побара. Ако добро ме држи сеќавањето, минатата година предвидуваа победа на ВМРО-ДПМНЕ. Аргумент плус за да не им веруваме на резултатите или нарачките, вели таа.