Сè повеќе млади луѓе сакаат да се обидат во финансиските работи – преку инвестирање во акции и други форми на инвестирање. Во тоа им помагаат т.н „финфлуенсери“. Еве шест работи што треба да ги знаете за тоа.
1. Што очекуваат следбениците од финфлуенсерите?
Финфлуенсерите, односно инфлуенсери на интернет кои даваат финансиски совети, ги „покриваат“ потребите на своите следачи кои сакаат да заработат пари, а некои дури и да се збогатат. Истовремено, има и такви кои се плашат од сиромаштија на старост, односно од стравот дека во староста нема да имаат доволно пари за пристоен живот. Во исто време, има и многу млади луѓе на кои им е јасно дека мора да направат нешто околу тоа.
Интересот на младата популација за инвестирање во акции и други облици на осигурување за старост е значително зголемен по берзанскиот бум во 2020 година. Што се однесува до конкретни бројки, тоа изгледа вака: во 2017 година, според Германскиот институт за хартии од вредност, во земјата имаше околу 905.000 млади акционери (помеѓу 14 и 29 години). Четири години подоцна, во 2021 година, веќе имаше 1,4 милиони луѓе на возраст под 30 години во Германија кои инвестираа пари на берзата.
2. Кои се финфлуенсерите?
Финфлуенсерите се претежно млади луѓе кои работат за млади луѓе – тие го зборуваат нивниот јазик, ги користат истите медиуми и социјални мрежи. Сепак, многу финфлуенсери не станаа активни на овој начин сè до бумот на берзата. Често тоа се млади луѓе кои попатно се вклучуваат во овие активности, односно луѓе кои започнале свој блог или видео канал додека студирале или работеле друга работа.
Во меѓувреме, некои од нив доста добро се етаблираа на пазарот, па ангажираат соработници и можат да се пофалат со одржлив бизнис модел.
3. Какво знаење имаат финфлуенсерите?
Меѓу нив има економисти или поранешни вработени во компании активни во финансискиот сектор. Тоа се луѓе кои го пренесуваат своето знаење и кои станале независни претприемачи. Исто така, има многу жени меѓу нив кои ги таргетираат женските следбеници. Често станува збор за луѓе кои доаѓаат од сосема друга бранша, но интензивно ја проучувале оваа тема.
4. Што точно прават финфлуенсерите?
Нивото на информации што го нудат се разликува по квалитет и разликите се огромни. Финфлуенсерите на ТикТок или Инстаграм, на работилници или предавања, нудат солидно основно знаење за светот на финансиите. Тоа се теми како на пример „како да се отвори портфолио“, „што е ЕТФ“, „какви планови за штедење има“ или „зошто е важно да се осигурате за старите денови“. Ова знаење може да се пренесат на публиката на добар начин преку видеоклипови, поткасти или во текстови.
5. Какви стапици постојат?
Не сите финфлуенсери се сериозни даватели на овој тип на услуги. Има и некои играчи на пазарот кои бараат од своите клиенти високи месечни давачки, а за возврат нудат наводни совети и стратегии за тоа како да станете милионер за само неколку недели. Делумно, станува збор за бизнис модели слични на манипулации или класични измами: меѓу другото, постојат модели во кои има луѓе кои „регрутираат“ нови корисници кај овие „советници“, а за ова посредување добиваат пари.
А има и такви кои експлицитно ги советуваат своите клиенти да инвестираат во акции или некој друг вид на инвестиција. Сепак, по правило, стратегиите за вложување пари се индивидуални, па дури и сложени, па јасно е дека советите за ова не можат да се спакуваат во краток „reel“ или краток текст под слика. Ова бара детално знаење, а не сите финфлуенсери го имаат тоа.
6. Како да препознаете сигурни финфлуенсери?
Прво, треба да проверите како финфлуенсерите ги заработуваат своите пари. Позитивно е во секој случај доколку давателите на овој вид услуги транспарентно ја објават висината на надоместоците што ги бараат за семинар или консултации.
Предупредувачкото светло треба да се изгасне кога станува збор за „рекламни партнерства“ – особено со финансиски партнери. Кога финфлуенсерите ги препорачуваат производите на нивните партнери на своите клиенти, тие ја доведуваат во прашање нивната независност и кредибилитет. Треба да бидете внимателни и кога станува збор за таканаречените „affiliate-links“, односно кога финфлунесерите преку линкови ги „водат“ клиентите до финансиските производи на нивните партнери. Треба да се има на ум дека финфлуенсерите заработуваат пари секогаш кога инвеститорите купуваат нешто преку тој линк. Колку е поголем досегот, толку е поголема потенцијалната заработка.
Секогаш треба да си го поставувате прашањето: кој е тој што нуди финансиски совети? Што знае и што може да знае одреден финфлуенсер за оваа работа? Зошто го препорачува тој конкретен производ, а не друг? Затоа е секогаш добро самостојно да се проверуваат информациите дадени од финфлуенсери, односно да се испита дали е навистина вистина или не, односно колку вистина има во сето ова?
Може и да се следат неколку финфлуенсери за да се добие посеопфатна слика. Особено во лоши берзански времиња, односно во фази во кои портфолиото бележи негативен тренд, во принцип треба да се биде скептичен кон „жешките совети“, односно да не се дозволи емотивно да реагира на новонастанатата ситуација.
Извор: Дојче Веле