Серија од шест вебинари насловени „Праведни енергетски транзиции во Западен Балкан и Украина“, коишто ќе ги истражат можностите и научените лекции на патот кон постепено укинување на користење на јагленот, ќе се одржат во наредните пет месеци како дел од Иницијативата за региони со јаглен кои се во транзиција во Западен Балкан и Украина.

 

-Размислувајќи за тоа како праведната енергетска транзиција да се направи реалност, серијата разгледува примери од ЕУ, Западен Балкан и Украина од гледна точка на регионите на јаглен. Секој вебинар ќе има неколку експерти кои работат на спроведување на праведни енергетски транзиции, вклучително и претставници од регионите на јаглен коишто се во фокус, велат од Иницијативата.

 

Првите два вебинари „Планирање за праведна транзиција во светло на енергетската (не)сигурност“ и „Вклученост на засегнатите страни во планирањето на праведната транзиција: кој и како?“ ќе се одржат во март, третиот „Енергетска транзиција и квалитет на воздухот: решенија и добри практики“ во април, четвртиот „Можности за финансирање на енергетските транзиции“ во мај, петтиот „Регионите кои постепено го искористуваат укинувањето на јагленот како можност за економски развој“ во јуни и шестиот „Научени лекции при преминување од јаглен на обновливи извори“ во јули.

Иницијативата за региони со јаглен кои се во транзиција во Западен Балкан и Украина има за цел да им помогне на земјите и регионите да се оддалечат од јагленот кон економија со неутрална јаглерод. Таа е предводена од Европската комисија и шест меѓународни партнери: Светска банка, Секретаријат на Енергетската заедница, Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), Европска инвестициска банка (ЕИБ), полски Национален фонд за заштита на животната средина и управување со водите (NFOSiGW) и Колеџ на Европа во Натолин. вј/бак/