Шестиот пакет на мерки, усвоен на денешната 66-та седница, опфаќа седум мерки со кои се таргетирани најпогодените сектори од корона кризата, со вредност од 17,8 милиони евра, пришто ќе се поддржат 10.000 компании, кои вработуваат околу 60 илјади граѓани, соопштија заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Развојната банка, Кире Наумов на заедничката прес-конференција.

„ На сите угостителски објекти ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година, на кој ќе се аплицираат деновите во кои овие дејности беа затворени. Дополнително, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 06.04.2021 година. Со оваа мерка ќе бидат поддржани околу 6.000 угостителски објекти кои вработуваат 17.000 луѓе, проценета вредност на мерката е 9,9 милиони евра. На скоро ист принцип, со 2,5 милиони евра ќе се поддржат категоризирани – ресторани за свадби, игротеки, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес центри, фотографи и фотографски студија. Во овие категории спаѓаат околу 1.200 компании ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 година, дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари по вработен, заклучно со 31.12.2020 година“, соопшти вицепремиерот Битиќи.

Битиќи соопшти дека категоризираните туристички агенции ќе бидат поддржани со 1,4 милиони евра. Притоа туристичките агенции со А лиценца ќе добијат до 5.000 евра, а туристичките агенции со Б лиценца ќе добијат до 2.000 евра. Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари, членови на здруженијата на музичари како и лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15.000 денари.

Околу два милиони евра се наменети за компаниите кои ја реинвестирале добивката од 2020 година, мерка која ќе се реализира преку Развојната Банка а ќе им помогне на компаниите да ја зголемат ликвидноста, да ги реализираат своите инвестициски планови и да продолжат со својот развој, преку субвенционирање на каматни стапки. Преку бескаматна кредитна линија преку Развојната банка од еден милион евра ќе се поддржат медиумите кои емитуваат радио и телевизиска програма.

„Во очекување на претстојната туристичка сезона и како дополнителна поддршка и помош за домашната туристичка а со тоа и угостителска дејност, ќе се овозможат бесплатни 50.000 ПЦР тестови за странските туристи кои престојувале во државата“, рече вицепремиерот.

Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека Туристичко-угостителскиот сектор е најпогодениот сектор од почетокот на кризата предизвикана од пандемијата и токму затоа Министерството за економија во првите пет сета на мерки се фокусираше на поддршката токму на овој сектор.

„Досега овој сектор е поддржан со над десет милиони евра и тоа преку ваучери за домашен туризам со вкупно 6,2 милиони евра, со враќање на уплатена туристичка такса со вкупна вредност од 950 илјади евра, со грантови за туристички агенции во вредност од 1,2 милиони евра, со средства за кофинансирање на настани и конференции со финансиска поддршка од државата каде беа наменети 24 илјади евра, преку грантови за категоризирани ресторани за свадби со 906 илјади евра, грантови за игротеки во вредност од 222 илјади евра, грантови за туристички водичи со лиценца кои добија 82 илјади евра, како и со мерката за продолжување на лиценци за работа на дискотеките и ноќните клубови, мерка која изнесуваше 97 илјади евра“, подвлече министерот за економија.

Бектеши се задржа на дел од мерките од шестиот пакет кои ќе ги спроведува Министерството за економија, пришто посочи дека за поддршка само на туристичко-угостителскиот сектор со шестиот пакет мерки се предвидени мерки во вкупна вредност од 14,8 милиони евра.