Низ целиот банкарски сектор во Шпанија, годинава ќе бидат отпуштени 19.000 вработени!

По неодамнешното драстично кратење на две од најголемите шпански банки, „КаиксаБанк“ и „ББВА“, дебатата за платите на нивното раководство се врати на дневен ред. Синдикатите сакаат износот на нивните плати да биде ограничен, но сè уште нема законска можност за тоа, објави БНР.

Низ банкарскиот сектор, годинава ќе бидат отпуштени 19.000 вработени. Менаџерите на банките ги оправдуваат отпуштањата во потрага по поголема ефикасност, но кабинетот на Педро Санчез не го дели овој пристап, со оглед на нивните високи плати. Карлос Торес, директорот на ББВА, прима годишна плата од над четири милиони евра, а Хозе Игнасио моментално прима скоро 1.650.000 евра од КаиксаБанк.

Пред спојувањето со CaixaBank, директорот на Банкија потпиша договор за половина милион евра, но сега неговата плата се зголеми за нови 3 милиони. Највисока плата на челник на банка во Шпанија прима Ана Патриша Ботин, директор на банката Сантандер – 7 милиони евра. Според министерката за труд Јоланда Дијаз, отпуштања додека има мултимилионски плати кај раководството се неразбирливи. Според втората потпретседателка во владата, Надија Калвињо, овие плати и бонуси се „целосно неприфатливи“.

Во Шпанија, сепак, платите се ограничени на позиции што добиваат јавно финансирање. Нивната граница е 600 000 евра годишно. Мерката стапи на сила во 2012 година за време на владата на Маријано Рахој и со Луис де Гвиндос како шеф на Министерството за економија. Мерката исто така вклучуваше и ограничување на платите за банките кои добиваа помош за време на финансиската криза. Денес, сепак, акционерите ги одобруваат надоместоците на директорите на секоја компанија, а Европската централна банка, како надзорен орган, може да ги ограничи само доколку ја загрозат нивната солвентност.