Шпаркасе банка Македонија е прва банка во Македонија во која миленичињата се добредојдени, односно клиентите можат да ги посетат експозитурите заедно со нив.
– Ние сме свесни дека домашните миленичиња се третираат како дел од семејството и заслужуваат да имаат дозволен пристап во нашите простории. Сепак имаме одредени правила на однесување што се објавени во експозитурите. Сопственикот на миленичето е одговорен за неговото однесување и се грижи за сигурноста на другите присутни во експозитурата, како и да не се наруши работната атмосфера и хигиената – вели Тодорка Сајкова, директорка на службата за маркетинг и комуникација во Шпаркасе банка.
Таа ни сподели дека идејата Шпаркасе банка Македонија да стане банка во која миленичињата се добредојдени не е нова, туку напротив тоа е иницијатива што произлегла од нивните колеги од групациите Шпаркасе и Ерсте, кои пред три години го воведоа овој концепт. Исто така, вработените во Шпаркасе се големи љубители на животните и силно ја поддржуваат иницијативата.
Таа додава дека реакциите за воведувањето на таквиот концепт од клиентите и од пошироката јавност се навистина позитивни и охрабрувачки за да го задржат и да размислат за негово воведување во поголем број експозитури.
Извор: Нова Македонија
