Шпаркасе банка Македонија е прва банка во Македонија во која миленичињата се добредојдени, односно клиентите можат да ги посетат експозитурите заедно со нив.– Ние сме свесни дека домашните миленичиња се третираат како дел од семејството и заслужуваат да имаат дозволен пристап во нашите простории. Сепак имаме одредени правила на однесување што се објавени во експозитурите. Сопственикот на миленичето е одговорен за неговото однесување и се грижи за сигурноста на другите присутни во експозитурата, како и да не се наруши работната атмосфера и хигиената – вели Тодорка Сајкова, директорка на службата за маркетинг и комуникација во Шпаркасе банка.

 

 

 

Таа ни сподели дека идејата Шпаркасе банка Македонија да стане банка во која миленичињата се добредојдени не е нова, туку напротив тоа е иницијатива што произлегла од нивните колеги од групациите Шпаркасе и Ерсте, кои пред три години го воведоа овој концепт. Исто така, вработените во Шпаркасе се големи љубители на животните и силно ја поддржуваат иницијативата.

Таа додава дека реакциите за воведувањето на таквиот концепт од клиентите и од пошироката јавност се навистина позитивни и охрабрувачки за да го задржат и да размислат за негово воведување во поголем број експозитури.

 

Извор: Нова Македонија