Поминаа повеќе од две години од затворањето на Еуростандард банка, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против четворица раководни лица во Еуростандард банка уште во февруари минатата година, а се уште нема официјална информација за организираниот криминал сторен во банката, реагира со соопштение Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

Осомничените се товарат за предизвикување стечај на банката и за перење пари и други приноси од казниво дело.

-Но, тоа што зачудува е зошто нема никаков одговор од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција толку долго време. Се работи за организиран криминал од големи размери. Поради тоа се затвори банка со значителен капитал, се предизвика штета од десетици милиони евра кон депонентите во банката, физички и правни лица, а на површина испливаа мноштво индикатори кои посочуваат дека во банката навистина се спроведувале низа криминални активности со години.

Доказите се веќе одамна во рацете на обвинителството, но до сега од таму нема никаков одговор. Дали свесно не се решава овој случај за да времето помине со намера да се заборави на сторениот криминал во банката или навистина ќе има одговор од обвинителството во некое скоро време, останува само на времето да покаже. Бидејќи сите досегашни апели упатени до обвинителството да реагира за организираниот криминал во Еуростандард банка се покажаа за залудни, реагираат шедачите.

Меѓу осомничените се раководните лица на Еуростандард банка, меѓу кои и мнозинскиот сопственик, Трифун Костовски кој во меѓувреме пак докажува организиран криминал помогнат од власта и банкарски структури на кои банката им била „жртвено јагне“.