Македонска берза го објави извештајот за добивките и загубите на котираните друштва, согласно нивните финансиски извештаи за првото полугодие од годинава и од минатата година. Според податоците, овие друшта зеднички создале и поголема добивка и поголема загуба во однос на истиот период лани, анализира порталот Пари.

Во првото полугодие од годинава со добивка биле 72 котирани друштва, додека ланското прво полугодие со загуба го завршиле 67 котирани друштва. Соодветно на овие бројки, годинава имало и помалку фирми што полугодието го завршиле со загуба во однос на лани. Така, за 6 месеци, во загуба влегле 19 фирми кои се котирани на Македонската берза, а лани, во истиот период загуба имале дури 24 компании.

На берзата може да се видат финансиските резултати за 91 котирано друштво.

Вкупен број на компании со добивки и со загуби

ПЕРИОД БРОЈ НА КОМПАНИИ СО ДОБИВКА БРОЈ НА КОМПАНИИ СО ЗАГУБА
Од 01.01.- 30.06.2022 72 19
Од 01.01.- 30.06.2021 67 24

Податоците покажуваат дека во првото полугодие од 2022 година, заедничкиот профит на овие 72 компании е 154,2 милиони евра. Минатата година, во истото полугодие, заедничкиот профит на 67 компании со добивка е 142,3 милиони евра.

Од друга страна, иако годинава има помалку компании во загуба, нивната заедничка загуба е поголема од ланската. Годинава 19 компании кои биле во загуба креирале негативен резултат од  12,8 милиони евра. Лани, 24 компании заеднички создале минус од 6,9 милиони евра.

Вкупни добивки и загуби

ПЕРИОД ВКУПНО ДОБИВКА ВКУПНО ЗАГУБА
Од 01.01.- 30.06.2022 154,2 милиони евра 12,8 милиони евра
Од 01.01.- 30.06.2021 142,3 милиони евра 6,9 милиони евра

Најголема промена, според податоците на Македонската берза, има кај „Транскоп“ од Битола. Разликата во добивката во првото полугодие од годинава , во однос на ланското е 19.062%. Односно лани компанијата остварила нето-добивка од 8.000 денари, а годинава имала добивка од 1.533.000 денари.

Најголема промена

КОМПАНИЈА ДОБИВКА ВО ПРВО ПОЛУГОДИЕ 2022 ДОБИВКА ВО ПРВО ПОЛУГОДИЕ 2021 РАСТ НА ДОБИВКА
„Транскоп“ – Битола 1.533.000 денари 8.000 денари 19.062%

Најголема добивка меѓу котираните друштва има Стопанска банка АД Скопје. Нејзината добивка, во првите 6 месеци од годинава е 23,8 милиони евра. Минатата година, Банката направила добивка од 17,8 милиони евра, што значи дека годинава имаме раст од 33,9%.

Најголема добивка

КОТИРАНО ДРУШТВО ДОБИВКА ВО ПРВО ПОЛУГОДИЕ 2022 ДОБИВКА ВО ПРВО ПОЛУГОДИЕ 2021 РАСТ НА ДОБИВКА
Стопанска банка – Скопје 23,8 милиои евра 17,8 милиони евра 33,9%

Најголема загуба годинава, во првите 6 месеци, има направено компанијата од металната индустрија „Либерти“. Нејзината загуба била 4,56 милиони евра. Лани пак, компанијата првото полугодие го завршила со добивка од 9,7 милиони евра.

Најголема загуба

КОТИРАНО ДРУШТВО ЗАГУБА ВО ПРВО ПОЛУГОДИЕ 2022 ДОБИВКА ВО ПРВО ПОЛУГОДИЕ 2021
Либерти 4,56 милиони евра
9,7 милиони евра