Според официјалните податоци од четвртокот, околу 13 милиони луѓе, или 15,8 отсто од граѓаните во Германија живееле во сиромаштија во 2021 година.

Федералното биро за статистика во категоријата ранливи ги става граѓаните со заработка помала од 60 проценти од просечната. Уделот на таа група во населението остана практично непроменет од претходната година, но состојбата сè уште се влошува.

Просечниот нето приход на самец во 2021 година бил 15.009 евра или 1.251 евро месечно, а за брачен пар со две деца под 14 години изнесувал 31.520 евра годишно или 2.627 евра месечно.

Сиромаштијата повеќе им се заканува на жените отколку на мажите, со 16,5 односно 15,1 отсто. Истовремено, ризикот се зголемува со возраста, па така кај постарите од 65 години, загрозени се 21 отсто од жените и 17,4 отсто од мажите.

Институтот тоа го припишува на помалите пензии за жените, најчесто поради прекини во работниот стаж поради растењето деца и слично.

Децата и младите сè уште повеќе изложени на сиромаштија со 16,2 отсто, а најлошо проаѓаат самохраните родители и семејствата со повеќе од две деца, со учество од 26,6 односно 23,6 отсто. Најголем удел меѓу сиромашните во Германија и натаму имаат самците, со 26,8 отсто.

Меѓу невработените, речиси половина, 47 отсто од нив, се на или под прагот на сиромаштија, како и една петтина од пензионерите.

„Сувопарните бројки не ја пренесуваат драматичноста на ситуацијата“, вели професорката по социјално право Ен Ленз. „Сиромаштијата многу потешко ги погодува оние кои веќе имале малку.“

Луѓето со ниски примања веќе мораа да одвојат голем дел за домување, сметки и храна и немаа простор каде повеќе да се стискаат, на пример со откажување од одење во ресторан или на одмор, рече Лензе.

Притоа, по правило живеат во лошо изградени станови и несразмерно голем дел од заработката трошат на парно. Инфлацијата само ќе ја влоши ситуацијата и „луѓето лесно можат да се лизнат под границата на преживување“, предупреди професорката.