Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу и амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Сибил Сутер Тејада го претставија новиот проект „Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, финансиски поддржан од швајцарската Влада.

Фазлиу нагласи дека вкупната вредност на проектот е 5,4 милиони швајцарски франци, а ќе го имплементираат Министерството за локална самоуправа и канцеларијата на вицепремиерот за економски прашања.

Проектот во првата компонента ќе помогне за подобрување на нормативната рамка и подготовка на нов стратешки документ 2020-2029, во втората компонента ќе биде поттикнато граѓанското учество за утврдување на регионалните приоритети и во третата компонента ќе бидат финансирани инфраструктурни проекти кои што како приоритет ќе бидат избрани во консултација со граѓаните. Проектот ќе се имплементира до крајот на 2020 година.

– Политиката на рамномерен регионален развој се спроведува заради постоење на реален проблем, односно постоење на големи разлики во развојот на регионите и последиците врз квалитетот на живеење на граѓаните, особено на тие од помалку развиените плански региони – рече Фазлиу.