Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударство ја поздравува одлуката на Владата за вработување на неопределено време во основните и средните училишта и потенцира дека такво право треба да уживаат сите вработени во државата.

– СИЕР долго време инсистира на промена во Законот за работни односи во делот каде е дозволено работниот однос да се заснова на определено време кај ист работодавач во период од пет години. Според сите критериуми согласно меѓународните конвенции и директиви за достоинствена работа, работењето по договор на определо време се вбројува во категоријата несигурна работа. Затоа, СИЕР постојано укажува и изнесува сериозни аргументи против законското решение, се вели во соопштението од СИЕР.

 

Оттаму потсетуваат дека се упатени писмени барања до повеќе министри во надлежното Министерство за труд и социјална политика, особено во последниве три години и јасно е укажано на тоа дека законот треба да се промени.

– Во нашата земја, особено во приватниот сектор, речиси сите вработувања се прават на определено време. Периодот од пет години е предолг период за да се увери работодавачот дали е тоа квалитетен работник кој треба да се задржи во фирмата или не. Законот дозволува пробна работа при прием на работник, така што е излишно во толку долг период од пет години да се работи со договори на определено време. Да е апсурдот уште поголем, договорите најчесто се склучуваат на еден до три месеци, многу ретко на подолг рок. Многу често рокот од пет години се продолжува без никакви ограничувања, бидејќи тоа малку се контролира од надлежните инспекции, се посочува во соопштението.

Од Синдикатот апелираат за промена во законот, а за сигурни работни места за сите работници, не само во образованието.