Благодарение на EaSI гаранцијата, финансирана од Европската унија и имплементирана од страна на Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ), Силк роуд банка АД Скопје ќе има можност да пласира вкупно 5 милиони евра микрокредити, наменети за микро претпријатија во Северна Македонија, соопштија од овие европски институции.

Кредитите според овој договор ќе бидат достапни за компании со максимум 9 вработени. Годишниот обрт на компанијата не треба да надминува повеќе од 2 милиони евра.

Средствата се издвојуваат од буџетот на Европска унија наменет за Програмата за вработување и социјална иновација („EaSI“), чија намена е поддршка на целта на ЕУ за квалитетни вработувања, соодветна социјална заштита, борба против социјалната нееднаквост и сиромаштијата, како и подобрување на условите за работа. EaSI Програмата, која во фокусот ги има микрофинансирањето и социјалното претприемништво, обезбедува поддршка за финансиски посредници кои нудат микро кредити за претприемачи или финансирање на социјално ориентирани претпријатија. Целта е да се зголеми пристапот до микрофинансирање, преку микро кредити во вредност до 25.000 евра, наменети за ранливите категории на граѓани и микро претпријатија.

Имајќи го предвид наведеното, Силк роуд банка создаде пакет производи Bizz UP наменет за финансирање на ранливи категории клиенти, како и за старт ап компании и компании во фаза на развој, со оперативна историја на работење до 36 месеци.  Со потпишувањето на Договорот за соработка со Европскиот инвестициски Фонд (ЕИФ), Силк роуд банка како финансиски посредник ќе поддржи финансирање на овие категории на клиенти на домашен пазар, преку средствата од Програмата за вработување и социјална иновација (EaSI), финансирана директно од Европската унија. Пакетот Bizz UP се состои од неколку производи за микрофинансирање, како што се: дозволено пречекорување на сметка, кредити за обртни средства и кредити за инвестиции, се вели во соопштението до медиумите.