Повеќе од два милиона германски граѓани редовно ги користат услугите на банки за храна, а еден милион не можат соодветно да ги загреат своите домови, и покрај силната економија во изминатите десет години, покажа истражувањето на институтот WSI.

Во 2019 година, уделот на граѓаните со приходи повеќе од половина од просечниот беше 11,1 отсто од населението од 84 милиони луѓе, покажа Институтот за економски и социјални науки WSI во истражувањето.

Од 2010 до 2019 година е зголемен за 40 отсто, пресметале од Институтот, кој е близок до синдикатите. Во 2010 година, просечниот приход на домаќинството по жител бил 21.219 евра, а во 2019 година 24.037 евра.

„Во 2019 година бројот на сиромашни во Германија достигна највисоко ниво во историјата“, велат авторите на истражувањето, иако периодот од 2010 до 2019 година беше обележан со силна економија и пад на стапката на невработеност. Добрите економски резултати и намалената невработеност не им помогнаа на посиромашните домаќинства, чија материјална состојба дополнително се влоши, нагласуваат оттаму, истакнувајќи дека во 2010 година на сиромашните им биле потребни околу три илјади евра за да го надминат прагот на сиромаштија. Во 2019 година им недостигале речиси четири илјади евра.

Истражувањето на WSI покажа дека зголемувањето на бројот на сиромашни луѓе не може да се припише на неодамнешните настани, како што се пандемијата на коронавирус и остриот пораст на цените на енергијата предизвикани од руската инвазија на Украина, јави ДПА.

Добротворните организации предупредуваат дека сиромаштијата во Германија достигна ново рекордно ниво. Според заводот за статистика, 13 милиони германски граѓани биле во ризик од сиромаштија во 2021 година, односно 16 отсто од населението.