Вредноста на синдикалната минимална кошница за март 2026 година е зголемена за 436 денари во однос на февруари, а за првите три месеци од годината растот достигна 2.326 денари.

Синдикалната минимална кошница за март 2026 година изнесува 67.818 денари. За семејство со изнајмен стан од 60 квадрати, месечните трошоци достигнуваат 83.193 денари, додека за првите три месеци од годината вкупниот раст изнесува 2.326 денари.

Храната и образованието најголем товар во буџетот

Најголем дел од синдикалната минимална кошница за март 2026 година отпаѓа на храна и пијалаци, со 25.292 денари или 37,3 проценти од вкупната вредност. На второ место е образованието со 7.192 денари, односно 10,6 проценти, а облеката и обувките учествуваат со 6.024 денари или 8,9 проценти.

Станарината го турка буџетот над 83.000 денари

Ставката за станарина, вода, електрична енергија и греење во сопствен стан изнесува 6.338 денари или 9,3 проценти. За семејство кое живее во изнајмен стан од 60 квадрати, оваа ставка скока на 21.713 денари, а вкупната кошница достигнува 83.193 денари месечно.

Рекреација, транспорт и комуникации земаат четвртина од кошницата

Рекреацијата и културата учествуваат со 5.592 денари или 8,2 проценти, транспортот со 4.865 денари или 7,2 проценти, а комуникациите со 3.417 денари или 5 проценти. Ресторани и хотели земаат 4.131 денар, додека здравјето учествува со само 1.185 денари или 1,7 проценти.

Три месеци по ред кошницата расте побрзо од минималната плата

Синдикалната минимална кошница за март е зголемена за 436 денари во однос на февруари, кога изнесуваше 67.382 денари. Кумулативниот раст за јануари, февруари и март 2026 година достигна 2.326 денари. Минималната плата, меѓутоа, мирува таму каде што ја оставиле оние кои секоја предизборна година се сетуваат дека работниците постојат.

На 1 мај ССМ излегува на улица, а некои синдикалци остануваат дома

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, повика на масовен протест на 1 мај, со почеток во 11 часот пред седиштето на ССМ во Скопје. Поводот е подобрување на работничките права, зголемување на платите и животниот стандард. Трендафилов јавно ги осуди оние што ги нарече „квазисиндикалци”, претставници кои со завидна енергија се оградуваат од секоја борба за повисоки плати. Додека работниците броат денари до крај на месецот, нивните номинални застапници броат причини зошто не треба да се бара повеќе.