Стапката на сиромаштија во Аргентина во јануари достигна 57,4 отсто, што е највисоко ниво во последните 20 години, покажа истражувањето на Католичкиот универзитет во Аргентина.

Сиромаштијата се продлабочи откако новиот претседател Хавиер Милеи го девалвира пезосот набргу по преземањето на функцијата на 10 декември, што дополнително го забрза растот на цените, открија авторите на извештајот.

На крајот на 2023 година, стапката на сиромаштија беше 49,5 отсто.

Милеи вети дека ќе ја „доларизира“ економијата, ќе ја спречи инфлацијата која надмина 200 проценти, ќе го намали буџетскиот дефицит на нула и ќе укине бројни социјални програми.

Во декември, владата започна серија економски реформи, девалвирање на курсот на пезосот во однос на доларот за 54 отсто, што ги намали приходите на луѓето и ги зголеми цените. Паралелно, Буенос Аирес ги намали субвенциите за енергија и транспорт и ги зголеми даноците.