Цените во маркетите растат. Владата реши да ги замрзне цените на основните животни намирници, но дали со тоа се реши проблемот со поскапувањата? Од она што деновиве се гледа по рафтовите на продавниците и што на касите го плаќаат потрошувачите проблемот, очигледно, не е решен.

Не станува збор дека се изигрува замрзнувањето на цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата туку се работи за цените на други производи. Ако до вчера поскапуваа овие основни животни намирници чии цени сега се запрени, сега очигледно е дека на ред да поскапат дојдоа други производи. Па така, граѓаните-купувачи се сведоци на низа зголемени цени од средства за хигиена, па се до други прехрамбени производи.

-Каде и да пофатев некој производ кој долго го купувам сега гледам дека е со повисока цена. Трговците или пак производителите како да начекаа еуфорија со качување на цени, па поскапуваат и што треба и што не треба. Само по некој производ ќе го стават на акција и така се обидуваат да не замајат, ни коментираше синоќа аеродромец кој излезе од супермаркет.

Под наметката на инфлација и на бранот на поскапувањата сега граѓаните треба да ги плаќаат речиси сите производи поскапо за десет до дваесет проценти повеќе…

За време на криза не е во ред и не е чесно кон купувачите да се поскапуваат производи кои и не мора да се поскапат. Трговците и производителите треба да се замислат околу деловниот, но пред се човечкиот морал кој сега треба да го покажат.