Сите финансиски услуги ќе можат да се извршуваат на сите 300 шалтерите на Пошта низ целата држава до крајот на месецов, најави денеска генералниот директор на АД „Пошта на Северна Македонија”, Јани Макрадули.

„Утринава имавме завршни разговори со банката која ги врши  услугите и до крајот на месецов ќе бидат достапни сите услуги за граѓаните. Имаме 40-тина услуги кои се во рамките на договорот што е потпишан со „Халк банка”, вклучувајќи пензии до дома”, рече Макрадули во одговор на новинарско прашање по работна посета на Поштата ЕПМ 1013 во Шуто Оризари.

Тој потенцира дека покрај веќе воспоставеното плаќање со образецот ПП 30 за буџетски корисници, деновиве ќе почне да функционира и со ПП 10.

„Во неколку етапи ќе почнат сите плаќања меѓу кои и за небуџетските корисници како што се плаќањата за градинка, училишта,… Сите ќе бидат достапни во краток период”, прецизира Макрадули.