ЕСМ неделава официјално ќе го преземе управувањето со БЕГ и Топлана Скопје Север, откако Владата официјално ќе прогласи кризна состојба.
По донесената владина одлука, ЕСМ потпиша договор со ТЕ-ТО, со кој му се наложува да го зголеми обемот на производство на електрична и топлинска енергија, и ќе ги продава вишоците на струја на ЕСМ до крајот на јануари. Со тоа, греењето на скопјани нема да се исклучува во 22 часот, како што беше утврдено досега, туку топлинска енергија корисниците ќе испорачуваат до 1 часот по полноќ.
И додека БЕГ чека државна помош, Обвинителството три години води предистражна постапка за лиценците на БЕГ. Во 2019 година, МВР, поднело кривична пријава против поранешниот претседател и тројца членови на РКЕ. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во Студио 10 на ТВ24, изјави дека министерството ги имаат доставено сите докази и материјали до Обвинителството.
Од Обвинителството за ТВ24 кратко одговорија дека предметот е во фаза на предистражна постапка и се уште се собираат потребните докази.
Предметот за кој покажувате интерес е во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје и е во фаза на предистражна постапка, во рамките на која надлежен јавен обвинител презема дејствија и прибира материјални и вербални докази за утврдување на фактите и проверка на наводите во пријавата поднесена од Министерството за внатрешни работи. Откако ќе бидат направени неопходните проверки, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошното постапување. – велат од Основно Јавно Обвинителство.
Кривичната пријава се однесува за нелегално издавање на три лиценци за вршење енергетски дејности, односно – производство, дистрибуција и снабдување на топлинска енергија. Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимовски, за ТВ24 вели дека целиот систем е погрешно поставен и дека не може да се најде друг град каде што во дејноста за топлинска енергија постојат по три лиценци.
„Во овој период РКЕ, а претпоставувам и сите државни органи, ќе побараат податоци како е набавуван гасот, по која цена е набавуван гасот, и исто така ќе се направи анализа од сите соодветни државни институции, врз основа на кои принципи и како имало проблеми во однос на квалитетот со снабдувањето со топлинска енергија. Врз основа на сето ова понатаму ќе се превземаат одредени постапки.“ – изјави Марко Бислимовски – претседател на РКЕ.
Со 6 милиони евра од државната каса ќе се помогнат снабдувачите со топлинска енергија, а од Владата ветија и дека дополнителното греење од три часа нема да се одрази на сметките на граѓаните, кои од овој месец ќе плаќаат за 14,05 отсто повисоки цени.