Година 2022, зима… Во земјата на античките мекотелци состојбата е следна:

Во “метрополата“ која е репрезентативен примерок на севкупната антика, бидејќи 50-60% од населението е таму вгнетено, додека нивите кои ги продадоа фаќаат коров, македончето се напика во станчиња од 40-50 квадрати и глуми парижан веј оф лајф, мудрува за Гете, Буковски и останати високопотентни мисли, реалноста на скопјани, а и на сите други антици е како што следува:

На – 10 степени немаш парно… Изговори имаш колку сакаш, БЕГ, телевизии, министерства, чуда врагови, ама парно немаш. Среќниците кои имаат, се ставени на лоу конзумпшн да не се прегреат. Пушташ телевизија и гледаш еден куп изјави, објави, изговори, планови и филмови дека парното само што не дошло, ама во моментов ти целиот наежен ( пошо телото и хипотермијата не можеш да ја излажеш со анализи и изјави од телевизија) потсвесно ти текнува на култната сцена од „Ране“ кога друг Стојан ги клоца радијаторите и урла „Које грејање мајку вам јебем!!!“, ти доаѓа и ти така да урлаш, но хеј, ти си сега нов скопјанец, се кажуваш стар, срамота е од комшиите да урлаш, мораш да пазиш на манири и педикири, па во антички стил, подголтнуваш и самиот се правиш будала и се тераш да веруваш на изјавите на телевизија. Кој го ебе ладното, не може да ни е толку ладно колку што можеме ние да издржиме! Антици сме или што сме? ЕЕјјј библиски народ е ова, не е заебанција….

Се бодриш така самиот себе, ама студот и тресењето на телото те тера да направиш нешто, и ти како горд антик, пробуваш некое иновативно решение: Ќе се движам за да се загреам! Кој го ебе ладново – ќе го победам во неговата игра!

Излегуваш надвор да се движиш, да се загрееш. Како што почнува „прошетката“ сваќаш дека уствари ти нема каде да пешачиш! Сите улици преродбенички се проширени и надградени и тие ебани тесни траектории по коие треба како гејша да фураш, се полни со паркирани џипови од стари Скопјани исти како тебе, кои со кусурот од нивите, покрај гарсоњера, купиле и џип со поголема зафатнина од самиот стан. Е сега нема паркинг, ама тоа е мала цена за фодулизмот на антиците, па ќе ја паркирам кај ќе ми текне, најчесто на пешачките патеки, таму малку и каде ги има. Вртиш сучиш низ колите, по улици, сваќаш дека неможеш ни да пешачиш како што треба. Размислуваш да се враќаш од загревањево и сваќаш дека е подобро да се вратиш во затворено.

Воздухот е толку загаден ( пред Лахоре во Пакистан – светски антички шампиони и во оваа категорија ) што посигурен си внатре отколку надвор. Кој го ебе студот, мора да се дише. На враќање од фитнес-прошеткава сваќаш дека нема ни каде да се загреваш, ниту па дишењето на овој воздух е корисно за тебе. Се враќаш назад и се соочуваш со студот! Кој го ебе!

Има додуша и иновативни антици во голем број – кои вртат како калајџија в тепсија по трговските центри или по модерно молови во Скопје. Таму е потопло, па може да се врти некое време, ама па не можеш нон стоп да си во движење.

Се враќаш дома, се покриваш со 3 ќебиња и уклучуваш телевизија! Изјавите и соопштенијата, колку толку ќе ја нахранат надежта и некако ќе се пребродува…. И кога во моментов, на телевизија кажуваат дека Елон Маск планира да го колонизира Марс во наредниве 5 години. Светот планира да го колонизира Марс во нареднава петтолетка, додека ние како антици – борби водиме со парно, пешачка патека и чист воздух…

Да беше било кој друг народ, со овие проблеми, веднаш властите и опозицијата и сите функционери на оваа антика, ќе беа пратени како доброволци кај Елон Маск, со нив да го населува Марс. Овде па на овие крлежи и тавтабитки им персираме… Власт се ејјј… Знаеш што е тоа…? Подобро ти е да ќутиш!!!

И така ти, завиткан со 4 ќебиња, со хроничен бронхитис и со хронично пцојсан новчаник, во изливи на бес, ти текнува на кубурот од деда ти!!! Оној де, на кој што се повикуваме во сите наши патриотско-заносни песни, преданија и митови, филмови без граници за нашата возвишеност, уникатност, храброст, пирејност и ексепционализам, на тој долгоповикуван и хвалоспеван кубур од дедовците!!!

Го земаш кубурот и нежно го наседнуваш, малку – до кундакот….

Менуваш канал има ново соопштение на БЕГ за парното, нова изјава на министерот за животна средина за воздухот – и тоа дадена на англиски, додека под пенџере гордо, да гори ауспухот, некој твој метрополски земјак, го дефилира џипот… Тој има седнато на мењачот….

 

Наум Димитровски