Еврозоната можеби се лизнала во рецесија во последниот квартал од минатата година, а изгледите за раст сѐ уште се слаби, предупреди потпретседателот на Европската централна банка (ECB), Луис де Гуиндос.

Еврозоната лебдеше на работ од стагнација во поголемиот дел од минатата година, а оваа година активноста треба да се зголеми само благо, за 1,2 отсто, според есенските прогнози на Европската комисија. Тег претствува подзастанатата домашна потрошувачка, којашто ECB ја „скроти“ со подигање на каматните стапки за да ја спречи инфлацијата. Од средината на минатата година ги покачи за цели 4,5 процентни поени.

Во таквите услови, економијата на еврозоната забележала благ паднала во третиот квартал во однос на претходните три месеца, а ECB очекува благо намалување на активноста во периодот од октомври до декември.

„Слабите показатели укажуваат на пад на економската активност и во декември, потврдувајќи ја можноста за техничка рецесија во втората половина на 2023 година и слаби краткорочни перспективи“, изјави Де Гуиндос во Мадрид.

И новите податоци сигнализираат неизвесна иднина, продолжи функционерот на ECB, додавајќи дека преовладуваат ризиците од опаѓање на активноста.

Слабоста е забележлива во сите сектори, особено во градежништвото и производството, а во наредните месеци веројатно ќе им се придружат и услугите, додаде Де Гуиндос.

Осврнувајќи се на монетарната политика, тој само ги повтори насоките на ECB дека каматната стапка на депозитите од 4 отсто, доколку остане на тоа ниво „доволно долго“, ќе ја спушти стапката на инфлација до целта од 2 отсто.

Инфлацијата позабележително забавила во текот на поголемиот дел од 2023 година, но во декември повторно силно зајакнала на 2,9 отсто, според проценката на Европскиот завод за статистика.

Цените на енергијата ќе ја одразат ниската споредбена основа од претходната година во наредниот период, а владите постепено ќе ги отстранат мерките за поддршка на домаќинствата со високи сметки за струја и гас, што ќе резултира со привремено зајакнување на инфлацијата, рече Де Гуиндос.

Проекциите на ECB предвидуваат дека инфлацијата ќе се спушти на целното ниво дури следната 2025 година.