Земјите-членки на ЕУ, заплеткани во сопствената енергетска криза, сѐ уште не покажуваат волја за одлучна помош за Западен Балкан во справување со ценовниот шок, последица на војната во Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во Брисел денеска се организираше издание на економскиот Делфи Форум, со учество на повеќе министри на земји членки на ЕУ, еврокомесари, како и поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Една од точките на дискусија беше токму војната во Украина и последиците за земјите од Западниот Балкан, исто така соочени со енергетска криза и ценовен шок.

На прашање на МИА дали Европската Унија планира сериозно да размисли да и пружи помош на Македонија да се справи со цените на струјата, како што побара претседателот Стево Пендаровски, преку компензација за пазарната цена што ја нуди Бугарија, одговорите на министерката за Европа на Австрија и чешкиот заменик министер останаа млаки.

– Сите земји членки на ЕУ се соочуваат со огромна енергетска криза – одговори Мартин Двожак, чешкиот заменик МНР.

Тој рече дека владите во ЕУ се под постојан внатрешен притисок поради кризата, што отвора пат за популистички дискурси, а дека истовремено треба земјите на ЕУ меѓусебно да си покажат солидарност, и да им помогнат на трети земји како Македонија.

Австриската министерка за Европа, Каролин Едштадлер, пак, порача дека ЕУ работи напорно за справување со енергетската криза и дека „тоа што го правиме сега ќе има ефект“ и за земјите на Западен Балкан, бидејќи ЕУ работи да се намалат цените на енергенсите на пазарот.

– Ако се намалат цените тоа ќе има ефект и во регионот – рече таа.

За поранешниот министер за надворешни работи на Кипар, Никос Кристодулидес, може да се направи повеќе.

– Како некој од ЕУ и од источномедитеранскиот регион кој има големи енергетски потенцијали, сметам дека Европската Унија треба многу повеќе да инвестира за да најде алтернативни енергетски рути за да се соочи со прашањето на енергетската зависност од Русија, и истовремено да ги поддржи земјите кандидати како Северна Македонија – изјави Кристодулидес за МИА.

Бившиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, предупреди дека ЕУ ризикува да ја повтори грешката со вакцините против Ковид-19, кога земјите од Западен Балкан предоцна добија помош од ЕУ.

– Европа веќе не е во така тешка ситуација со природниот гас. Резервите се полни, зимата е сѐ уште мека во смисла на температури, цените паднаа на ниво на ноември 2021 пред војната, и мислам дека нема зошто, ако сме навистина семејство, да не се покаже солидарност, но сега, кога е потребна. Бидејќи со вакцините не се изигра како што треба, и ние добивме вакцини на крајот кога веќе беше во голем ек вакцинацијата во земјите членки, рече Димитров, додавајќи дека гледа дека има дебата во ЕУ за оваа помош, но нема доволно дела, а министрите немаа конкретни одговори на денешната дискусија.

Според него “исклучително е битно, ако ни се партнер, да ни помогнат кога ни е потребна помош, за ова прашање сега ни треба помош и се разбира ќе има разочарување ако пак сме на крајот“.

Прашањето за конкретна и значајна помош од ЕУ во енергетската криза не ја засени ниту пошироката дебата за искреноста на европската заложба кон Западен Балкан, во која многумина сѐ почесто се сомневаат. Поранешниот кипарски министер за надворешни работи ги повика колегите во ЕУ да покажат токму поголема искреност и да одговорат дали навистина сакаат проширување кон Западниот Балкан.

– Треба да бидеме искрени со овие земји, „конструктивната двосмисленост“ не е решение, треба да решиме интерно дали сме спремни за нови земји членки – рече Кристодулидес, осврнувајќи се и на прашањето за владеењето на правото кое, според него, се користи некогаш и како „оправдување“, додека кризата силно го погодува и Западниот Балкан, а отсуството на поддршка остава празнина која можат да ја пополнат други сили како Кина и Турција.

Тој инсистираше дека не смета оти владеењето на правото не е клучно, туку дека е област на која постојано се работи и се реформира, вклучително и кога земјата станува полноправна членка на ЕУ. Тој на неговите соговорници од ЕУ им пренесе дека “граѓаните на Западен Балкан веќе не веруваат во ЕУ перспективата“ и дека ова е “веројатно последната шанса“.

Танос Докос, советникот за национална безбедност на грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, ја потенцираше важноста ЕУ да ги увери земјите од Западен Балкан дека новонастанатата Европска политичка заедница не е “начин повторно да се одложи членството во ЕУ“.

– Потребен ни е опиплив поттик и брз патоказ, а Грција е подготвена да биде олеснувач во ова – рече Докос, истакнувајќи дека земјите од регионот не смеат да останат „црна дупка“ опкружена од земји членки на ЕУ, иако, тој призна, внатрешните реформи на ЕУ се неопходни затоа што процесот на одлучување во ЕУ станува прекомплексен.

За Димитров во овој контекст е исто така клучно на маса повторно да се вратат временски рокови и датуми за земјите од регионот, наместо апстрактна перспектива.

– Во овој нов геополитички момент кога ги собираме редовите, кога со војна, една радикална непредвидливост, крајно време е овие нејаснотии да се расчистат. И мислам дека е крајно време временската рамка да се врати назад во дебатата. За тие што работат – има перспектива до крајот на оваа деценија, на пример, мора нешто да се направи затоа што станува, за жал, фарса ако продолжиме вака – рече поранешниот МНР, потсетувајќи на воведните зборови на извршниот потпретседател на Европската Комисија, Маргаритис Схинас, утрово пред почетокот на панелот, кој изјави дека “ако направивме грешки со една земја, ако ги менувавме правилата на игра на сред игра, и ја оддалечувавме целта, тоа беше со Северна Македонија.“

Поранешниот шеф на дипломатијата Димитров ја искористи приликата и да порача дека во однос на пречките од Бугарија во преговарачкиот процес, Северна Македонија, исто така треба да бара помош од партнерите во ЕУ.

-Ако веќе работата на историчарите стана дел од европскиот процес, значи нешто што беше сосема билатерално сега стана европско, тогаш барем да се третира како европски проблем, да ставиме внатре олеснувачи од земји со искуство за вакви комисии. Германија, Чешка, Словенија, Италија, Франција, Полска, Германија. Такво присуство во собата каде разговараат историчарите ќе го рационализира малку тој процес, нема да биде само притисок и уцена и нема да има обвинувања кој не бил конструктивен, кој блокирал. Мислам дека тоа ќе помогне малку да се направи пообјективна работата на таа комисија. Има такво расположение и сите имаат чувство, еве и потпретседателот на Европската Комисија јасно кажа дека посебно не бевме фер кон Македонија и ние сега тоа треба да пробаме да го искористиме. Тоа би било подобро отколку да се правиме наудрени дека работата е чиста, дека било голем успех, дека историјата не е дел, како не е, кога пишува дека е внатре и во рамката и во билатералниот протокол – изјави Димитров за МИА на денешниот Форум.