Ворен Бафет, чие лично богатство го надминуваат само Бил Гејтс и Џеф Безос, е долгогодишен скептик кон биткоинот, а виртуелната валута и понатаму не е уверлива за него и покрај значителните добивки минатата година.

„Постојат два видови на добра кои луѓето ги купуваат и мислат дека вложуваат. Во едните навистина се вложува, во другите не”, вели 87-годишниот Бафет.

„Доколку купите нешто како фарма, куќа со апартмани или бизнис потфат, ова можете да го направите на приватна основа и тоа е совршено задоволувачко инвестирање. Но, доколку купите нешто како биткоин или некои криптовалути, немате ништо што произвело нешто. Само се надевате дека наредниот вложувач ќе плати повеќе”.

Во интервјуто за Yahoo Finance, Бафет го нарече биткоинот „игра” и „коцкање”, додавајќи дека „не вложувате кога купувате биткоин, туку шпекулирате”. Неговите најнови коментари следат по повеќе од четири години предупредувања за биткоинот, а за прв пат ја нарече криптовалутата илузија уште во 2014 година.

 

 

Во тоа време, еден биткоин вредеше околу 600 долари, но по неколку години непрекинат раст, достигна двојно поголема вредност.

Кога цената на највредната криптовалута во светот подоцна порасна на околу 20.000 долари кон крајот на 2017 година, Бафет повторно предупреди дека неговата цена е вистински балон, тврдејќи дека нема никаква вистинска вредност и дека е надувана.

„Општо кажано, речиси со сигурност можам да кажам дека сè што е поврзано со криптовалутите, ќе заврши лошо”.