НЛБ, најголемата банка од Словенија, објави меморандум за доброволна јавна понуда за преземање на австриската Адико Банк АГ, со што официјално започна процесот на една од позначајните банкарски аквизиции во регионот.

Според објавените информации, НЛБ банка нуди 29 евра во готовина по акција, а понудата се однесува на сите акции на Адико банка. Словенечката банка има цел да обезбеди најмалку 75 отсто од гласачките права, што би ѝ овозможило целосна контрола врз банката.

Доколку НЛБ успее да ги преземе сите 19,5 милиони акции на Адико банка по понудената цена, вредноста на трансакцијата би достигнала околу 565 милиони евра.

Периодот за прифаќање на понудата трае до 22 јули 2026 година, со можност за продолжување до крајот на октомври доколку бидат исполнети одредени услови.

НЛБ банка и претходно го најавуваше интересот за преземање на Адико банка, оценувајќи ја како стратешки важна аквизиција поради нејзиниот фокус на работење со население, како и со мали и средни претпријатија.

Потенцијалното преземање дополнително би ја зајакнало позицијата на НЛБ групацијата во Југоисточна Европа, каде што веќе има значително присуство преку мрежа на банки и финансиски институции.

Адико банка е создадена од поранешниот систем на Хипо Алпе-Адриа банка, а во последните години е насочена кон дигитално банкарство и кредитирање на граѓани и компании.

Објавувањето на меморандумот претставува формален чекор во процесот на преземање, кој сè уште треба да помине низ регулаторни процедури и да добие одобренија од надлежните институции.

Во меѓувреме, и Рајфајзен банка интернационал, најави намера да поднесе доброволна јавна понуда за преземање на сите издадени акции на Адико банка кои не се во сопственост на самата банка.