Меѓу помодерните левичари (оние што не се зацапани во 1850тите) популарен е терминот шок доктрина. Со него повторно се обидува да се долови демек експлоататорската природа на капитализмот.

Терминот беше популаризиран од (одличната) Канадска авторка Наоми Клајн. Нејзина прва книга што ја прочитав години наназад беше “No Logo” (Без Лого), и инстантно ме освои. И до ден денес ги делам нејзините ставови околу појавата да корпоративни брендови спонзорираат grassroot култура.
Набргу после тоа ја прочитав и нејзината Шок Доктрина (The Shock Doctrine) и се разочарав. Купче глупости што следат добро позната реторика.
Друго познато дело низ левичарските кругови во овој сегмент е и “Исповедите на Еден Економски Убиец” (Confessions of an Economic Hitman). Анонимниот автор е бивш економист во меѓународна консултантска фирма и опишува како богати западни кредитори ги тераат осиромашените нации да земаат заеми што после тоа не можат да ги вратат и се приморани да им ги отстапат на кредиторите своите природни ресурси.
Прекрасни приказни за деца и хипи возрасни. Но време е да пораснеме.
Како прво, штом книга со економска проблематика стане бестселер одма треба да ти светне кликерот. Да беше економијата олку лесна, таблоидна работа, сите ќе ја баратевме.
Скорашна инстанца на т.н. шок терапија во регионов беше кон крајот на Југославија за време на Анте Марковиќ. Програмата вклучуваше мерки за стабилизација на валутата и нејзино враќање кон конвертибилност (преку замена на 10,000 единици стар Динар за нов Динар), замрзнување на плати, намалување на буџетски трошења итн.
Звучи драматично но сепак не онолку како на пример Бугарија која во 1997 за да ја заузди инфлацијата мораше буквално да воведе валутен борд (currency board), со што целосно беше примопредадена сувереноста на нејзината централна банка на грст експерти од странство.
Мерките беа окарактеризирани како шок доктрина. Што ме води до поентата. Кога подолго време си го навикнал народот со нозе пуштени подолго одколку што е долга чергата, обратното секако би изгледало како шок (а не како нормална следна етапа). Зголемување на плати и пензии неколку пати годишно. Рано пензионирање. Субвенции за крава и за коза. Грст други расходи од социјалистичка природа, што не се одржливи (без пораст на продуктивноста) бидејќи некој мора кога-тогаш да ја плати сметката.
А зошто настанало такво опуштање? Заради политичари популисти, социјалисти што мора да им најдат место на ордата гласачи што ги гласале во замена за некаква државна цицка или државен бенефит.
Кога ќе им стаса сметката а нема од каде да ја подмират (нема девизни резерви бидејќи социјалистичките самоуправни претпријатија не се конкурентни) ниту пак домашно штедење (го изела инфлаторната спирала) се обраќаат до меѓународни кредитори. Меѓународни кредитори не даваат пари за да твојата мала социјалистичка багра тера Ивкова слава по дома. Бара структурни промени. Бара да прикажеш дека имаш точен план за продуктивни инвестиции со тие пари.
Тебе очајно ти требаат пари бидејќи немаш веќе девизни резерви а без нив не можеш да купуваш стоки од странство, полиците празни а дури тогаш се открива вистинскиот хорор и гнев на народот. И затоа набрзинка потзакрпуваш нешто што изгледа како план за продуктивен пласман на средствата и им го приложуваш.
Години подоцна, планот евентуално не испаѓа, не си реализирал профит на инвестицијата а кредиторот си доаѓа по своето. И после он бил крив, експлоататор бил, капиталист, така? Не политичарот, што ги тушираше своите гласачи со бенефити.
Добрите времиња како и лошите кога-тогаш завршуваат, бизнис циклусите се неминовни заради општата психологија на луѓето. Никој ни веѓа не мрднува за време на добри времиња а во лоши времиња сите се прашуваат каде отидоа добрите. Ги бараат по сороси, сатанисти, глобалисти, евреи, илуминати. Циклични движења на цивилизацијата што на секоја генерација и изгледаат како да се случуваат прв пат.
Речиси и да нема држава што не искусила шок терапија без оглед дали е од глобалниот Југ или капиталистичкиот Запад. Германија во 1920тите беше зафатена од хиперинфлација и меѓудругото мораше да ја укина старата Германска марка (rentenmark) и да ја замени со нова (reichmark) во 1924, исто како што направи Југославија, погоре. Овој дефлационен шок всушност го посеа и семето на појавата на нацизмот.
Останатите западни земји дури и на неколку наврати прогласија мораториум на Германскиот долг, па опростување на голем дел од него, но ништо не беше доволно.
САД во 1930тите – Франклин Рузвелт го конфискува златото и го девалуираше доларот. Шок терапија за Американците навикнати на директна демократија преку конвертибилност на банкноти за злато.
Аргентина во 2001 година…..
Грција во 2011 година…
И да не продолжувам. Примерите се бројни, пребројни.
Законитостите на економската машина се такви што буквално секоја земја е под ризик од шок терапија доколку не води прудентна економска политика.
Што не е лесно бидејќи ако државниот апарат премногу се умеша, ризикуваме комунизам. Ако воопшто не се меша (чист laissez faire) , шпекулативната психологија на масите доведува до зачестени микро циклуси на претерано задолжување-драматично раздолжување (deleveraging).
Што би било во ред, слободниот капиталистички пазар на ваков начин прави чистка на лошите играчи и на лошите бизниси, но проблемот е што денес сме во глобален меѓуповрзан свет на крупно окрупнување на луѓето во нации, такашто периодичната чистка би можела одеднаш да повлече огромна бројка на луѓе и да предизвика социјални немири, давајќи му изговор на владиниот апарат да интервенира и суспендира индивидуални слободи. Парадокс за кој нема лесно решение.
Колку по претерано задолжување, колку подолготрајни се златните времиња, толку понасилно е раздолжувањето што неминовно следи, што може да доведе и до социјални немири, она што се нарекува шок терапија.
Колку по непромислена нагорна линија, колку понеодржлив и лажен е растот – толку подраматичен ќе биде падот бидејќи кога-тогаш некој ќе забележи дека царот е гол, и почнува верижна реакција на рушење, банкроти. Шок терапијата е секогаш ендогена појава, а не егзогена предизвикана однадвор и демек внимателно планирана од одредени актери.

Може еден ден левичарите ќе пораснат и ќе престанат да веруваат дека има баба-рога под креветот.

ФБ статус на Блаже Аризанов