120 празни столчиња на + 35 степени наменети за власта кои не ги слушнаа барањата на работниците – Јавниот сектор стапи во генерален штрајк, а Сојузот на синдикати на Македонија како организатор револтот го изрази пред законодавниот дом. Штрајкот се случива откако власта ги изигра за ветеното линеарно покачување од 2806 денари кое требаше да е предвидено во ребалансот на буџетот и ќе продолжи се додека не се исполнат барањата.

ССМ бара поддршка од народните избраници за поднесениот амандман 2 806 денари за сите работници веднаш и сега или убаво кажано од 1 јули, бидејќи знаеме дека тие пари ни се неопходни со ова сè што ни се случува – двоцифрена инфлација, ценовни шокови, најавена енергетска криза, најавено покачување на струјата од 10 проценти. Го охрабрам работникот да се избори за своите права, да се избори за својата егзистенција која ни е неопходна во моментот, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Утринава дел од вработените во јавната администрација низ државава се соочиле со притисоци за да го прекинат, но по постапувањето на регионалните синдикални претставници од ССМ во претпријатијата притисоците прекинале. Од синдикатот децидни, велат нема да ги исплашат пораките дека ќе се исплаќа само 60 отсто дневница за време на штрајкот затоа што и онака се сведени на минимум.

Повиците до власта за да се усвои поднесениот Амандман беа попусти. Пред Собранието излегоа само од пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ од каде порачаа дека ќе дадат втора шанса на владеачкото мнозинство да се изгласа Аманднанот за линеарно покачување на платите кој сега го поднесуваат како нивен .

Тие велат одличен е предлогот, позитивно законско решение ама не е време. Предлагаа да разгледаме, да се договориме ама избегнуваат. Ќе имаат втора шанса ама да видиме , рече пратеничката Дафина Стојаноска

Од Власта пак упорно остануваат на нивниот став- потребно било системско решение и нова методологија за да се реши проблемот со платите

–Општиот колективен договор и социјалниот дијалог за општиот колективен договор треба да продолжи и ќе продолжи и таму да го најдеме системското решение, а тоа е нова методологија која ќе биде вклучена во општиот колективен договор и која што ќе значи системско решавање на проблемот со платите во јавниот сектор, односно континуирано зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, рече министерката Јована Тренчевска.

Штрајкот ќе продолжи и утре, а ССМ револтот на улица ќе го изразат пред Владата со тоа што ќе постават 21 столче – по едно за секој министер.