Од избувнувањето на пандемијата, владите и централните банки ширум светот ветија дека ќе одвојат 19,5 трилиони долари за поддршка на светската економија.

Владите најавија мерки за поддршка од скоро 12 трилиони американски долари до септември оваа година, а централните банки дополнително помогнаа со најмалку 7,5 трилиони долари за да го ублажат влијанието на пандемијата врз нивните економии, соопшти ММФ во годишниот извештај објавен во понеделникот.

Сепак и покрај досега невидените размери и брзите мерки за спасување, кои вклучуваа намалувања на даноци, субвенции за плати, заеми за мали бизниси и намалување на каматните стапки на рекордно ниски нивоа, глобалната економија трпи најголема рецесија од Големата депресија.

Економската активност и вработувањето во големи делови на светот, вклучувајќи ги САД и Европа, остануваат далеку под нивото на пред-пандемијата.

Иако најавата за вакцини против коронавирус навестува подобрена перспектива за глобалната економија следната година, тие нема да им помогнат многу на земјите во блиска иднина. И потенцијалните пречки за обезбедување дополнителна финансиска поддршка на економиите може да го загрозат веќе кревкото закрепнување.