Идејата за посебна гарантна шема што ќе се користи за поддршка на микро, мали и средни претпријатија за надминување на финансиските тешкотии се наметна во изминатава пандемиска година, поради недостигот од свежи пари, кој меѓу првите го почувствуваа малите претпријатија, а во својата неодамнешна колумна министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека токму тоа е еден од моделите што ги разгледуваат во Владата

НАЈАВЕНА НОВА ФОРМА НА ПОМОШ ЗА МАЛИТЕ И СРЕДНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА

Ќе имаат ли можност малите и средните компании во иднина полесно и побрзо да добиваат кредити, со поддршка од гарантен фонд, веќе не е прашање на идеја туку на реализација. Идејата за посебна гарантна шема што ќе се користи за поддршка на микро, мали и средни претпријатија за надминување на финансиските тешкотии се наметна во изминатава пандемиска година поради недостигот од свежи пари, кој меѓу првите го почувствуваа малите претпријатија.

Нови можности за пристап до капитал

Во својата неодамнешна колумна, министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека еден од моделите што ги разгледуваат е формирање и функционирање на гарантната шема, со кој државата ќе создава подобри можности за пристап до финансии.
– Уште еден закон што е во насока на нови инструменти за мобилизирање капитал е законот за изменување и дополнување на Законот за Македонска банка за поддршка на развојот, кој се однесува на кредитно-гарантна шема (гарантен фонд). Со гарантната шема, државата нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства преку преземање дел од кредитниот ризик заедно со комерцијалните банки. Со ова се олеснува пристапот до финансиски средства за микро, мали и средни компании – пишува Бесими во колумната.
Министерот во своето обраќање објаснува дека се планираат измени на Законот со кои ќе се овозможи поголем спектар на дејствување на Развојната банка.
– Со измените, овој закон предвидува и формирање фондови со кои може да управува Развојната банка во име на државата, кои ќе се однесуваат на кредитирање во земјата, издавање платежни гаранции и други форми на обезбедување, откуп, продажба и наплата на побарувања, факторинг и форфетинг за сметка на клиенти, тргување со хартии од вредност во свое име и за своја сметка, собирање, обработка и анализа на информации за кредитна способност на правни лица и нивна продажба, економско-финансиски консалтинг, кредитно осигурување од комерцијални и политички ризици и осигурување инвестиции. Овие фондови ќе може да се полнат од буџетот на Република Северна Македонија, заеми и кредитни линии од меѓународни финансиски институции, донации од земјата и од странство и приходи од активностите што се преземаат – прецизира Бесими.

Доминацијата на малите претпријатија уште во стартот ги прави слабо
ликвидни

Од бизнис-заедницата сметаат дека идејата за формирање гарантни шеми е одлична, бидејќи доминацијата на малите претпријатија ги прави слабо ликвидни уште во стартот на отворањето на фирмите.
– Потребата од ваков вид помош е неопходна. Малите и средните претпријатија се најголемиот процент од нашите компании. Тие се регистрирани со многу мал основачки капитал и уште во стартот од работењето се судираат со неликвидност и недостиг од обртни средства. Посебниот гарантен фонд е особено важен за новооснованите компании, кои немаат недвижности за да можат да гарантираат за земање кредит. Факт е дека најголемиот дел од нив угинува во првите три години од основањето. За оваа работа имаме и искуство од други земји и тоа искуство треба да се искористи и кај нас – вели Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија (ОРМ).
Според него, пазарните законитости функционираат како на домашниот така и на странските пазари и не постои земја во светот што не му помага на стопанството да ги „испегла“ пазарните нерамномерности и шокови.
– И во најлибералните економии повеќе не постои „лесе фер“ (laissez-faire) политика, туку некаде помалку, а некаде повеќе државите употребуваат мерки на државен интервенционизам. Државата мора да поттикнува и насочува за да ги отстрани негативностите што ги носи слободниот пазар – потенцира Димитров.

Високото ниво на корупција ја проблематизира реализацијата

Претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков, посочува дека идејата за формирање гарантен фонд би била добра и, секако, значајна за стопанството, но под знак прашалник ја доведува реализацијата поради високата корупција во сите сфери од општеството.
– Кај нас секогаш предводи чувството на корупција во секој сегмент. Идејата за формирање гарантен фонд во општества како Шведска, Данска, Финска е одлична, но како истата таа ќе се реализира во нашата земја и какви ќе бидат контролите за да се избегнат манипулациите е доста значаен сегмент, на кој мора да му се посвети внимание. Сме имале доста разговори со лица од институции на оваа тема и идејата сигурно ќе има добро законско решение. Но кај нас преовладува мислењето дека сѐ е наместено, граѓаните немаат доверба во институциите, што го доведува под знак прашалник спроведувањето, односно реализирањето на гарантните шеми – посочува Бошков.