Покачувањето на пензиите за 700 денари од јануари 2020 година и двете усогласувања со кои пензионерите ќе добијат вкупно 900 денари, не се ад хок решение, туку системско. Министерката за труд Царовска жестоко го бранеше новото решение, донесено само една година по бомбастично најавената пензиска реформа со која требаше да се стабилизира дупката во Фондот за ПИОМ. Откако лани го тргна како услов и растот на просечната плата при услогласувањето на пензиите, сега двојно им го враќа на пензионерите.

  • Затоа во член 37 од тој закон интервенираме и велиме, во случај кога минималната плата расте со над 15 проценти и просечната плата во претходната година расте над 5 проценти, ги усогласуваме пензиите трет пат – изјави Царовска

Царовска потврди дека од Буџетот наредната година ќе завршат 495 милиони евра во ПИОМ, што е за над 35 милиони евра повеќе од лани. Но, вели тука се и  парите за субвенции за придонесите за бизнисмените кои ќе сакаат да ја покачат платата на работниците. За Царовска дефицитот во Фондот е планиран и очекуван.

  • Овој ефект е очекуван.затоа што овие од 15 милијарди што растат на 17 милијарди во дефицитот  еден од основите е заради тоа што имаме пензионирање и зголемување на пензиите. И тоа е нешто што е проектирано во Буџетот“- објаснува Царовска.

Пензионерите задоволни, оти тоа што барале добиле, и тоа без штрајк.

  • Сетоа ова тие континуирано го бараа некаде откако имавме рапиден раст на минималната плата и просечната плата со укажување дека треба да се води сметка и за пензионерите. Што ова сега се покажа на дело. И оваа мерка тие ја поддржуваат нормално. И го направија тоа на еден многу интелигентен културен, суптилен начин без да штрајкуваат, без да прават немири“- рече Станка Трајкова, претседател на Сојузот на здруженија на пензионери.

Пензиите од јануари ќе пораснат во просек за 5 проценти – секој пензионер ќе добие по 700 денари на сметка. Просечната пензија наредната година ќе достигне 15.500 денари.