Банкарските сметки на граѓаните нема повеќе да бидат банкарска тајна  за Управата за јавни приходи и за Царинската управа. Владата го менува Законот за банки со што УЈП ќе добие слободен пристап до документите,  трансакциите и депозитите на граѓаните во секое време.

Царинската управа, пак, ќе има увид во овие податоци со поднесување на писмено барање до банките. Во образложението на законот, кој деновиве е ставен на јавна расправа на ЕНЕР стои дека со овие измени ќе се овозможи Царината да врши присилна наплата на царинските давачки а УЈП полесно да ги изготвува годишните даночни пријави за следната година.

„УЈП од 2019 година ќе изготвува даночна пријава за секој даночен обврзник. Заради поедноставување на постапката, УЈП има потреба да добива податоци за остварените приходи на даночните обврзници по сите основи, без поднесување на поединечно барање, а во согласност со Законот за заштита на личните податоци. Царинската управа има потреба од податоци за трансакциската сметка на граѓаните, заради спроведување на законската обврска за присилна наплата на царинските давачки.“

До сега УЈП добиваше податоци од банките само со претходно писмени барање, а во Законот за банки не беше предвидено Царината да ги добива на увид трансакциските сметки на граѓаните.

Јавната расправа за законот ќе трае уште петнаесетина дена. Од Министерството за финансии, велат дека  со измените засегнати страни се банките и граѓаните кои имаат трансакциски сметки и тие можат да се вклучат во јавната расправа со свои сугестии. Но засега, нема никакви коментари на законот.

Извор: www.24.mk