Со ребалансот на буџетот ќе се скратат околу 50 милиони евра, наместо 160 колку што најави премиеорт Зоран Заев за четвртиот сет економски мерки. Ова е само 30 отсто од првично најавената сума, остантите пари вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи за Економаски магазин на Алсат M вели дека ќе се обезбедат со дополнителни задолжувања од домашните комерцијални банки. Тоа значи дека ќе се продлабочува и буџетскиот дефицит, но на оваа констатација Битиќи само крена раменици.

„Триесетина отсто од 160 милиони ќе се обидеме да го скратиме од буџетските расходи на одредените институции. Се што не е возможно да се искористи до крај на нова година“, рече Битиќи.

Најавите се дека ќе се  кратат сите непродуктивни трошоци и капитални инвестиции за кои годинава нема услови да се реализираат. Од владата засега не откриваат  кои се проектите што први ќе отпаднат од игра а беа во план да се финансираат со државни пари.

„Сѐ додека предлог-ребалансот не биде изгласан како владин предлог во Собранието, информирањето за промена на било која позиција би било шпекулација, со оглед на тоа дека претстои и владина дискусија на која треба да се дискутира предлогот“, велат од Владата.

Ребалансот треба да биде готов до крајот на оваа недела и да се објави  најдоцна до понеделник. На средината на месец мај беше донесен првиот ребаланс годинава. Беше донесена одлука државната каса да биде потешка за околу 54 милиони евра, а со тоа и буџетскиот дефицит да се продлабочи на 750 милиони евра.