Нов Стратешки зелен инвестициски фонд на ТИРЗ се креира во рамки на Планот за забрзан економски раст на Владата и ќе биде наменет и за домашни и странски инвеститори, со фокус за средни и големи компании. Инвестициите се од 750 милиони евра, а ќе се отворат 15 илјади нови работни места, најавија министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Како што изјавија на денешната презентација, концептот за фондот го развивале заедно ТИРЗ и Светската банка во изминатите девет месеци.

„Идејата за Планот за забрзан економски раст е воспоставена уште при носење на Буџетот за 2021 година и веќе една година се работи на овој концепт со меѓународните финансиски институции, бизнис заедницата и сите институции. Идејата на овој концепт е да обезбедиме забрзан раст, а притоа да одговориме на потребната трансформација во целина и на дигиталната трансформација, на фискалните импликации од кризата од пандемијата, а притоа да имаме фискална консолидација. Тоа може да се постигне преку инвестиции и единствен начин како да обезбедиме раст, да зголемиме инвестиции, а при тоа да не го зголемиме јавниот долг и буџетскиот дефицит е ваков концепт“, рече Бесими.

Според него, овој концепт не значи нови задолжувања, туку на еден денар државни пари или пари на граѓаните, толку ќе се генерираат и пари од приватниот сектор. Односно, инструментите предвидени во Планот се така дизајнирани за да може преку нив да се привлече приватниот капитал и при тоа да нема дополнително задолжување и даночно оптоварување. Со  предвидените јавни инвестиции од 4 милијарди и дополнителни 8 милијарди евра  приватен капитал, ќе се генерираат 12 милијарди евра што ќе значат забрзан раст, повеќе приходи во буџетот, поголема конкурентност, а со тоа и остварување на овој План.

Покрај Владата преку ТИРЗ, партнери во финансиската структура се и Меѓународни финансиски институции како и приватни финансиери – банки, капитални фондови, поединци.

„Механизмот ќе функционира така што во Зелениот стратешки фонд државата и приватни институционални инвеститори ќе соработуваат заедно, а одлуките за инвестициските  проекти ќе се носат од страна на стручен панел. Со учество на државата не поголемо од 10% сакаме да поттикнеме вклучување и на приватниот капитал, пред сѐ банките во државата, но и од надвор, во проекти и инвестиции во зелена инфраструктура и технологии со кои ќе се поттикне забрзан економски раст. Со Зелениот стратешки инвестициски Фонд, не е предвидено никакво зголемување на јавниот долг“, појасни Деспотовски.

Поврат на финансирањето ќе биде по пат на закуп, ројалти и други основи, а распределбата на уделот на сите вклучени во Фондот ќе биде врз база на нивниот придонес во вкупниот фонд.

„Логиката на самото финансирање е дека инвестираме во проекти кои генерираат конкретни приходи кон ТИРЗ и инвеститорите. Нашата цел е да се искористат дел од овие приходи за да поттикнеме вакви инвестиции. Фондот е димензиониран да поттикне 750 милиони евра инвестиции во наредните 4 години, да додадеме 1% дополнителен раст на БДП на сегашниот, и уште поважно да се креираат најмалку 15.000 добро платени работни места, како и значително зголемен извоз од плус 2 милијарди над сегашниот. Имаме реални цели кои можеме да ги исполниме во наредните 4 години со ваков начин на паметно финансирање“, рече Деспотовски.

Тој додаде и дека веќе се во фаза на реализација два вакви големи проекти кои треба да се финансираат преку овој Фонд, а се подготвува студија на одржливост за инсталирање на фотоволтаични централи во ТИРЗ и креирање на посебна технолошко развојна зелена зона за која една од можните локации е Гевгелија.

„Комплетната реализација на овие проекти би чинела над 120 милиони евра. Според досегашниот начин на функционирање овие пари ќе требаше да се обезбедат од буџетот или со задолжување. Со новиот модел што денеска го презентираме државата ќе обезбеди само 10% останатите 90% ќе ги добиеме од приватен извор на финансирање. Ефектот врз јавниот долг ќе биде 0 денари, а ниту граѓаните ќе имаат обврски преку камати да ги исплаќаат овие проекти во наредните години“, појасни Деспотовски.

Зелениот фонд се базира на два столба, Промоција на зелени инвестиции, вклучувајќи зелени инфраструктурни капацитети за инвеститорите во Зоните, енергетика, транспорт односно поврзување до главните патнички-железнички линии во земјата, како и во делот на услуги. Вториот столб се однесува на подобрување на технолошката подготвеност на домашните компании да се вклучат во глобалните синџири на набавка.