Македонските граѓани ќе добијат пониски камати за кредитите, а повисоки камати за штедните влогови, дури по влезот на земјава во Европската Унија – ветуваат банкарите. Дури тогаш ќе се снижи каматната маргина која сега е рекордни 5 насто. Банкарите велат дека таа е на слично ниво со земјите од регионот, но признаваат дека е далеку повисока од таа на европските земји. Така автоматски домашните банки би се откажале и од дел од заработувачката која во првата половина од годинава достигна рекордни 90 милиони евра.
„Кога ќе влеземе во ЕУ таа каматна маргина ќе се намалува, но тоа е под притисок на инвестиции и активност на банките. Инаку, ако работиме само на намалување на маргината, без да има нови инвестиции, банките би биле во непрофитабилна ситуација. Профитабилни банки се важни и тоа како за економијата“, вели Антонио Аргир – Претседател на УО на НЛБ Банка
За разлика од банкарите, експертите се децидни дека високиот профит на домашните банки произлегува токму од каматната маргина. Банките за штедните влогови на граѓаните даваат ниски камати, а тие пари ги инвестираат во „скапи“ кредити. Велат време е да се размислува да се регулира и каматната маргина.
„Министерството за финансии, Владата и останати институции треба да посветат поголемо внимание на трендовите во банкарството, посебно затоа што профитите во најголем дел се одливаат во странство“, вели Павле Гацов – даночен експерт 25.08.2018
По сигналот од НБМ со спуштањето на основната камата, банкарите велат дека ги намалиле каматитете за штедните влогови, но и за станбените и потрошувачките кредити. А за повеќе да го кредитираат стопанството им требаат добри проекти.
„Има позитивно движење, значи се зборува за инвестиции. Се повеќе се зборува за ИПАРД програмата“, вели Антонио Аргир – Претседател на УО на НЛБ Банка
Податоците на Народната банка пак покажуваат дека кој има штеди и тоа многу, додека најголем дел од граѓаните се повеќе се задолжуваат. Вкупните депозити достигнаа 5,7 милијарди евра, а вкупните кредити 5 милијарди евра.