Првпат со закон ќе се уредуваат договорите за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, кои се однесуваат на набавка на воена опрема и безбедносно-осетлива опрема. Ова го посочи заменик-министерката за финансии Ширет Елези на комисиска расправа во Собранието за новиот Закон за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста. Таа истaкна дека покрај усогласување со Европската Унија, носењето на овој закон ќе придонесе за заокружување на сеопфатната реформа во системот на јавни финансии, која ќе обезбеди рационално трошење на јавните средства, транспарентност, фер конкуренција.

„Воената опрема, како и безбедносно-осетливата опрема, е клучна за безбедноста и суверенитетот на секоја земја. Набавката на стоки, услуги и работи во одбранбениот и безбедносниот сектор е од деликатна природа поради што се јавува потреба од поставување специфични барања што се однесуваат на безбедноста на снабдувањето и безбедноста на податоците. Така, кога договорите вклучуваат, бараат или содржат класифицирани информации, договорниот орган во тендерската документација ги наведува мерките и условите што економските оператори мора да ги исполнат и се неопходни за гарантирање на заштитата на таквите информации“, рече Елези.

Таа истакна дека договорите за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста се доделуваат преку примена на ограничена постапка, постапка со преговарање со објавување оглас, постапка со преговарање без објавување оглас и конкурентен дијалог.

„Карактеристично за овие постапки е тоа што сите се одвиваат во две фази и овозможуваат да се селектираат способни економски оператори, кои во целост ги исполнуваат барањата на договорниот орган, без притоа да се нарушат начелата на транспарентност, еднаков третман и фер конкуренција“, рече Елези.

Заменик-министерката посочи дека со оглед на сложеноста и специфичноста на овие договори, економски најповолната понуда е критериум за нивно доделување. Примената на овој критериум може да вклучува три пристапи: само цената, само трошокот – користејќи пристап на економичност, како, на пример, трошоците на животниот циклус, или најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот. Независно од тоа кој пристап се користи, при евалуација на понудите секогаш треба да се вклучи економски елемент, рече Елези.

Елези рече дека со законот се воведува обврска за задолжително следење на извршувањето на договорите.

„Со оглед дека станува збор за сложени договори во чие извршување може да бидат вклучени и повеќе подизведувачи, да траат подолго време и да потрошат многу ресурси, од суштинско значење е тие да бидат соодветно управувани. Се воведуваат низа антикорупциски правила и правила со кои ќе се спречи судирот на интереси при вршење на овие јавни набавки и ќе се обезбеди интегритетот на целиот процес на доделување договори за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста“, рече Елези.

Таа заклучи дека со донесувањето на овој закон, ќе се овозможи процесот на доделување договори за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, почнувајќи од планирањето, спроведувањето на постапките за јавни набавки, склучувањето и реализацијата на договорите, да биде транспарентен, економичен и ефикасен, од една страна, но истовремено, од друга, да обезбеди заштита на безбедносните интереси на државата и на информациите што се од доверлив карактер.