Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи амандманската расправа за вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, за кој се поднесени вкупно 124 амандмани.

Со предложените измени, буџетските приходи се намалуваат за околу 5,3 милијарди денари, на 374,2 милијарди денари. За истиот износ се намалуваат и расходите, кои се проектирани на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува 46,3 милијарди денари, односно 4,1 отсто од БДП.

Најголемите промени кај приходите се однесуваат на даноците и акцизите. Очекуваните приходи од акцизи се намалуваат од 34,1 на 30,4 милијарди денари поради намалувањето на акцизите за бензините и дизелот, мерка чија цел е да се ублажи влијанието на поскапувањето на горивата врз граѓаните и стопанството.

На расходната страна, капиталните инвестиции се намалуваат за речиси 5,7 милијарди денари поради одложување на одредени инфраструктурни и други капитални проекти. Истовремено, се предвидуваат дополнителни средства за социјално ранливите категории и здравствените услуги, а продолжува и поддршката за општините и локалната инфраструктура.

Проекцијата за економски раст за 2026 година останува 3,5 отсто, и покрај растот на БДП од 3,7 отсто во првата половина од годината. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ова го образложи со неизвесноста во светската економија и продолжените конфликти на Блискиот Исток и во Украина.

Државата во текот на годината треба да подмири обврски од 76,6 милијарди денари, вклучително и отплата на домашниот и надворешниот долг и обврски кон Развојната банка. Според Министерството за финансии, средствата за нивно сервисирање се обезбедени преку планираното домашно и странско задолжување.