Во Собранието расправа за Предлог-законот за заем од 25 милиони евра за модернизација на хидроелектраните. Поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ, но посочија дека оваа Влада се грижи само за тендерите во четири очи, државата се задолжува, а плаќаат граѓаните. Обезбедено е стабилно и редовно снабдување со струја, нема рестрикции, возвратија од СДСМ.

АД Електрани ќе се задолжи со 25 милиони евра кај Кредитната банка за обнова, за ревитализација на хидроелектраните. ВМРО-ДПМНЕ со поддршка бидејќи, како што велат, конечно ќе се овозможи реализација на третата фаза од проектот, почнат во 2020, во време на претходната Влада. Сепак, пратениците од опозицијата упатија критики за менаџирањето на состојбите во енергетиката и задолжувањето на државата. Нема инвестиции, оваа Влада се грижи само за тендерите во четири очи и за нови задолжувања кои ќе ги плаќаат граѓаните.

Во енергетска и економска криза зголемено е производството на струја од сопствени капацитети, нема рестрикции, возвратија од СДСМ. Од мнозинството потсетија на проектот „Скопје 2014“ и, како што рече Лазаревска, оставените долгови.

Опозицијата реагираше на обвинувањата дека тие свесно ја запираат работата на Собранието. Сметаат дека актуелната власт го нема потребното мнозинство, па свесно ја залажува јавноста. Ви пропаднаа лажните вести и хистеријата што со месеци ја ширевте, став на мнозинството.

Се очекува со ревитализацијата да се добие зголемување на инсталираната моќност од минимум 13,5 мегавати и зголемено производство на електрична енергија од околу 47 и пол гигават часа годишно, намалени трошоци за одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот за снабдување со струја.