Пратениците денеска за време на 50. седница расправаа по Предлог законот за парнична постапка, во прво читање. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се на ставот дека во Предлог законот постојат многу аномалии, при што ако не добијат дополнителни објаснувања, ќе предложат амандмански решенија. За пратениците од владејачкото мнозинство, ова законско решение е пример како треба да се пристапи кон изготвувување на законски решенија.

Според пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, проблем е тоа што во Предлог законот се предвидува електронската достава да ја вршат правни лица кои се регистрирани во Централниот регистар. Тој смета дека со ова се суспендираат други закони и се прекршува деловникот за работа на судовите. Како што посочи, најмногу загрижува електронската достава, формулацијата и јазикот којшто се користи околу доставата и кој може да ја врши електронската достава.

-Друг недостаток е што во членот 130 има пропусти, со тоа што со електронската достава не се опфатени физички лица. Не знаеме дали тие се изоставени намерно или случајно, но доколку нема рационални објаснувања, ќе поднесеме амандмани. Оние кои го предлагаат законот, многу малку го објаснуваат, посочи Лефков.

Дејанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека законот е од исклучително значење за целокупното водење на постапките во судовите, но исто така смета дека треба да се доуреди начинот околу електронската достава, за да може во секој момент да се има увид до каде е постапката и каде затајуваат постапките во однос на губење на роковите. Според него, брзината со којашто треба да се донесе овој закон е занемерена, бидејќи се разгледува дури шест месеци по завршувањето на процедурата во Законодавно-правната комисија. Тој го повика министерот за правда да го објасни ова законско решение.

Пратеничката Снежана Калеска Ванчева од СДСМ во репликата рече дека ова законско решение е пример како треба да се пристапи кон изготвувување на законски решенија, особено кога станува збор за целосно нов закон. Како што рече, во изготвувањето вклучени биле академската заедница, судии, адвокати, нотари, извршители.

По редовната едночасовна пауза во 15 часот Собранието ќе продолжи со работа по 79, 86 и 71 седница.