Од Министерството за труд се надеваат дека со измените на Законот за социјална заштита, ќе ги мотивираат граѓаните да одат и да работат легално, да се зајаснат и да го напуштат системот на социјална заштита

Доколку се вработи еден член од семејството кое е корисник на гарантирана социјална помош, другите членови ќе продолжат да го користат ова право. Ова е една од најзначајните новини на измените на Законот за социјална помош, кои се очекуваат до крајот на годината, најави Душан Томшиќ, советничка во Министерството за труд и социјала во „Топ тема“ на ТВ Телма. Според Томшиќ, актуелно е дека голем дел од лицата што примаат ваков надоместок, најверојатно работат друга работа што не е пријавена, и ако се вработат, целото семејство го губи правото, па затоа и остануваат во сивата зона на пазарот на труд. Како приматели на помошта тие имаат и други поволности, меѓу кои е онаа дека се недостапни за извршителите, не може да им биде исклучена струјата итн.

– Она што сега се планира, а се надеваме дека ќе биде готово до крајот на годината, се измените во Законот за социјална заштита, каде што ќе се предвиди дека доколку се вработи најработоспособното лице од семејството кое е корисник на гарантирана социјална помош, другите членови на тоа домаќинство да продолжат да го остваруваат правото. Се надеваме дека со ова ќе ги мотивираме овие граѓани да одат и работат легално, да се оснажат и да го напуштат системот на социјална заштита – објасни Томшиќ.

Според податоците на Агенцијата за вработување, дури половината од невработените лица се пасивни баратели, односно не се заинтересирани да се вработат. Наташа Јаневска, проектен менаџер во Стопанската комора на Македонија, за „Слободен печат“ вели дека едвај се наоѓаат лица да се обучат и преквалификуваат и потоа да се вработат.

– Често се случува сите што бараат работа воопшто да не се заинтересирани за обуките бидејќи потоа треба да се вработат во фирмата што има потреба за таков работник. Но и со таква понуда се случува да нема заинтересирани за работа, ако станува збор за лице што доаѓа од семејство на приматели на гарантирана социјална помош. За да не го изгубат тоа право, полесно им е да работат на црно, а помошта да продолжат да ја примаат – вели Јаневска.

Со оваа констатација се согласува и Лидија Милановска, сопственик на компанијата „Де Марко“ – Куманово и потпретседател на Здружението на текстилната и кожарската индустрија при СКСМ.

– Примателите на гарантирана социјална помош не сакаат легално да се вработат за да не ја изгубат помошта, но затоа се подготвени да работат на црно. Државата мора да најде начин да го реши овој проблем, за кој сметам дека е еден од најголемите извори на сива економија – вели Милановска за „Слободен печат“.

Бројките на МТСП покажуваат дека во моментот има 35.000 корисници на гарантирана минимална помош (домаќинства). Висината на правото на гарантираната минимална помош се пресметува како основица за еден член на домаќинството, зголемена за коефициент од еквивалентната скала за другите членови на домаќинството, а најмногу за вкупно пет члена во домаќинството. Основицата е 4.000 денари месечно, а за секој следен полнолетен член на домаќинството основицата се зголемува и тоа за: вториот член за коефициент од 0,5, третиот член за 0,4, четвртиот член за 0,4 и петтиот член за коефициент од 0,2. За дете член на домаќинството, основицата се зголемува за коефициент од 0,1.