Во текот на денешниот ден, во редакцијата на БанкоМетар.мк стигна следното соопштение од Телеком кое интегрално го пренесуваме: 

Македонски Телеком ги известува граѓаните од населбата „Христо Узунов“ во Охрид дека базната станица која се поставува на станбена зграда во населбата е иста како стотици други базни станици поставени на објекти (станбени згради, приватни и деловни објекти, јавни установи, болници, фабрики…) во населени места во сите градови во Македонија.
За поставување на базната станица, Македонски Телеком ги има сите потребни документи од општината и другите надлежни институции согласно законските прописи, како и согласност од станарите на зградата.
Македонски Телеком има извршено мерења на нејонизирачко зрачење на голем број објекти каде што се поставени базни станици и утврдено е дека базната станица е безбедна за здравјето на луѓето од непосредната околина. Мерењата се извршени од институции кои се лиценцирани за вакви мерења согласно законските прописи за дозволеното ниво на нејонизирачко зрачење на Р.Македонија.
Доколку граѓаните сакаат дополнително да се уверат дека поставувањето на базната станица е безбедно, може да побараат дополнително мерење од Агенцијата за Електронски Комуникации која по службена должност ќе ги изврши мерењата и ќе ги достави резултатите.
Поставувањето на базни станици е неопходно за квалитетот на телекомуникациските услуги, како за внатрешно покривање во објектите, така и за обезбедување на доволен капацитет на мобилната мрежа. Доколку се престане со поставување на базни станици, квалитетот на мобилната мрежа во Охрид ќе се намалува бидејќи постојните базни станици се со ограничен капацитет, а податочниот сообраќај постојано се зголемува.
Мобилната технологија постои повеќе од 25 години и досега нема ниту научни ниту практично потврдени докази дека е штетна за здравјето на луѓето. Начинот на поставување на базни станици во населените места по ништо се разликува од воспоставената практика во сите земји во светот и тоа е единствен начин да се обезбеди квалитетна мобилна мрежа која може да одговори на барањата на корисниците.