Секторот за угостителство останува без работници. Готвачи, шанкери и келнери се бараат со месеци, но ги нема. Повеќето работници во овој сектор, во неможност да седат без плата за време на пандемијата, мигрирале во странство, велат сопствениците на ресторани. За да ги задржат го скратиле работното време и ги покачиле платите, но и оваа мерка не дава резултати, велат тие.

„Главната причина е пандемијата затоа што ние како угостители се соочивме со неправилно работење и не бевме во можност да ги задржиме работниците подолго време и повеќето од работниците имаа причина да ја напуштат земјава. Станува збор за готвачи, келнери, помошници готвачи, шанкери“, вели Башким Локи, сопственик на ресторан.

„Платите се високи, распоредот е флексибилен, има слободни денови. Готвач добива над 30.000 денари плата. За келнер се плаќа над 18.000 денари за осум часа работа. Од пред Рамазан, односно три месеци баравме тим, но нема“, рече Селаудин Исмаили, сопственик на ресторан.

Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека државата треба повеќе да го стимулира овој сектор, особено во областа на даноците.

„Државата некако треба да ги стимулира овие компании. Како може да се направи ова? Прво, со субвенционирање на придонесите за плати кои се многу високи во Македонија, со намалување на ДДВ и исто така со елиминирање на данокот на доход за период од две или три години. Ова се, всушност, фискални мерки што треба да ги преземе Владата со цел да им се олесни на компаниите да ги задржат своите вработени“, вели Дрилон Исмаили, СКСЗМ.

Но, колку губи угостителството во земјава поради недостаток на работници и што ги чека во иднина? Универзитетскиот професор по економија Харун Тахири вели дека мерките преземени од сопствениците на ресторани се доцни. Советува зголемување на платите и осигурување на вработените.

„Последиците ќе бидат големи, бидејќи сега останува ова прашање да се регулира со законите на пазарот, односно понудата и побарувачката. Ова е сеприсутна ситуација што главно се случи поради ограничувањата поради ковид, каде голем дел од нив бараа нови можности. Но, исто така е и прашањето за плаќање што главно ги насочува кон миграција. Работодавачите исто така треба да размислуваат во таа насока за да можат вработените барем со таа плата да имаат стандард или економска благосостојба“, рече Харун Тахири, економист.

Инаку, скоро половина од угостителите со шестиот економски пакет останаа без помош, како резултат на неправилности при регистрација на нивните фирми.