На седницата на Советот на Народната банка, одржана денеска, беше усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот систем за третиот квартал од 2021 година.

Банките и во третиот квартал од 2021 година работеа во услови на пандемија. Покрај неизвесностите поради пандемијата, во овој период беа нагласени и ризиците поврзани со нарушувањето на синџирите на снабдување и променливоста на пазарите на примарни производи. Во услови на задржана макроекономска стабилност, продолжи растот на депозитите и на кредитите во третиот квартал од годината. Овој квартал беше означен и со завршувањето на процесот на присоединувањето на една банка кон друга, што доведе до намалување на бројот на банките и окрупнување на банкарскиот систем.

Солвентноста на банкарскиот систем се задржа на стабилно ниво. Стапката на адекватност на капиталот е непроменета во однос на крајот на јуни годинава и изнесува 17,3%. Резултатите од спроведеното стрес-тестирање на отпорноста на банкарскиот систем на симулираните шокови упатуваат на задоволителна отпорност.

Во третиот квартал, показателите за ликвидноста и натаму се на солидно ниво. На крајот на септември, стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем изнесуваше 277,7%, што е речиси трипати повеќе од регулаторниот минимум (100%) и го потврдува солидниот обем на ликвидност со кој располага македонскиот банкарски систем.

И покрај продолжената пандемија, квалитетот на кредитното портфолио на банките не бележи поголеми промени. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити, во третото тримесечје од годината, е на нивото од 3,6%, или со минимално зголемување на квартално ниво од 0,1 п.п. Од секторски аспект, растот на нефункционалните кредити беше сконцентриран кај кредитите на домаќинствата, што предизвика мало влошување на стапката на нефункционални кредити за ова портфолио до 2,2%, додека нефункционалните корпоративни кредити се намалија и се на историски најниското ниво (5,1%).

Според податоците објавени во Извештајот, домашниот банкарски систем продолжува со профитабилно работење, што е особено значајно за одржување на капиталната позиција на банките, односно за нивната стабилност и отпорност и понатамошна поддршка на економијата.

Ризиците во врска со динамиката на раст на економската активност и активностите на банкарскиот систем во наредниот период во голема мера се поврзани со натамошните случувања во врска со здравствената криза, но и со нарушувањата во глобалните синџири на снабдување и производство, како и со актуелната енергетска криза. Народната банка и натаму будно ќе ги следи состојбите и соодветно ќе презема мерки секогаш кога е потребно.

На седницата на Советот беа донесени и Годишниот финансиски план, Годишниот план за инвестициите и Годишниот план за јавните набавки за 2022 година.