Советот на Општина Охрид на денешната 24-та седница ја усвои предлог-одлуката за согласност на измените на годишниот План за вработување на општина Охрид за 2023 година.

Со одлуката се дава согласност за унапредување на осум вработени во општинската администрација и за вработување 14 нови работници наспроти испразнатите четири места по основ на пензионирања.

Советниците од опозицијата предводена од СДСМ со забелешки дека вработувањето шест нови раководители, соработници и референти не претставува потреба произлезена од работата, туку задоволување на партиската агенда и вработување кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

Според советниците на СДСМ, граѓаните бараат исполнување на ветувањата, подобрување на квалитетот на живеење, не нови цени на услугите на општинските јавни претријатија и 14 нови вработувања во и онака превработената општинска администрација.

Владејчкото мнозинство во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека се работи за транспарентен начин на подобрување на работењето на општинската администрација, со наградувања на потврдени кадри во одделни сектори, а не партиски вработувања одобрувани тајно, како што беше истакнато, практика карактеристична за претходната владејачка гарнитура во Општината предводена токму од СДСМ.