Одлуката за обезбедување макрофинансиска помош за Северна Македонија во износ до 100 милиони евра за справување со последиците предизвикани од руската агресија врз Украина, е една од точките на дневниот ред на денешната седница на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ во Брисел.

Предлог-одлуката, усвоена од страна на Европската комисија на 6 февруари годинава, претходно беше одобрена и од Европскиот парламент на 13 јуни, а минатата среда и од Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР).

Економијата на земјава, која ги започна пристапните преговори со Унијата на 19 јули 2022 година, беше значително погодена од рецесија во 2020 година како последица на ковид пандемијата, како и од енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина, што придонесе за зголемување на фискалните потреби, стои во предлогот на Еврсопката комисија.

„Владата на Северна Македонија покажа силна посветеност за спроведување на понатамошни реформи, фокусирајќи се на клучните области на политиките идентификувани во Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај 2022 година, вклучувајќи ги реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, доброто владеење и владеењето на правото“, стои во предлог одлуката на ЕУ.

Лани во април земјата постигна договор со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за 24-месечна програма за ликвидност до 530 милиони евра, што беше официјално одобрена од Извршниот одбор од ММФ лани во ноември.

„Во сегашните исклучителни околности макрофинансиската помош на Унијата за Северна Македонија ќе биде соодветен одговор на барањето на земјата за поддршка за стабилизирање на нејзината економија.  При определувањето на износот на помошта треба да се земат предвид и очекуваните финансиски придонеси од мултилатералните донатори и потребата да се обезбеди правична поделба на товарот помеѓу Унијата и другите донатори, како и претходното распоредување на другите надворешни финансиски инструменти на ЕУ и додадената вредност на целокупното вклучување на Унијата во Северна Македонија“, стои во предлогот на Комисијата.

Според комисијата предуслов за доделување на финансиската помош треба да биде Северна Македонија да ги почитува ефективните демократски механизми, повеќепартиски парламентарен систем и владеење на правото и да гарантира почитување на човековите права.