Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ предвидува амбициозна програма за инвестиции за оваа година, во која е вклучена и набавка на дури 100 автобуси на хибриден погон и 10 минибуси. Само автобусите би чинеле 4 милијарди денари, односно околу 65 милиони евра и уште околу еден милион евра минибусите, чија набавка би се реализирала со субвенции.

Иако во програмата не е наведено од кого ЈСП очекува да обезбеди ваков износ на средства, повеќе од јасно е дека тоа би требало на биде Град Скопје, од каде на годишно ниво за ЈСП се издвојуваат најмногу субвенции во однос на сите други јавни претпријатија, чии основач е Градот.

Но, за да се добијат субвенции зелено светло треба да даде Советот на Град Скопје. Токму советниците на двапати го одбиваат предлогот на градоначалничката Данела Арсовска, која побара Град Скопје да се задолжи во некоја од домашните банки со заем од околу 10 милиони евра за набавка на еколошки автобуси, со кои треба да се поднови возниот парк на ЈСП. Советниците не добија одговор колку автобуси би се набавиле со тие пари, ниту од каде. Арсовска ги обвини дека не размислуваат за интересите на граѓаните на кои им е потребен квалитетен превоз и дека се водат од теснопартиски интереси.

Од друга страна, интересно е што советниците ја усвоија програмата за инвестиции на ЈСП, во која, меѓу другото, е планирана набавка на автобуси со субвенции, а субвенциите би требало да ги одобри повторно Советот. Со оглед дека станува збор за сума пари „претешка“ за градскиот Буџет, повеќе од јасно е дека субвенции во таков износ нема да има. Потоа, како што е познато ЈСП и Арсовска ќе го обвинуваат Советот дека не мисли на интересите на граѓаните и дека не работи за Скопје да стане модерен град. И така во круг, додека скопјани, кои секојдневно користат јавен превоз, сведочат дека дел од автобусите се толку дотраени што некогаш стравуваат дека возилото ќе се „распадне“ среде улица.

Освен набавката на нови автобуси и минибуси, ЈСП планира и инвестиции во АВЛ систем и систем за електронска наплата вредни 60 милиони денари, што исто така би се покрило со субвенции, како и 33 300 000 денари, дел од субвенции и дел сопствени средства, за реконструкција, изградба и санација на објекти и инсталации.

Во Инвестиционата програма, ЈСП наведува дека планирани инвестиции во 2023 година се во вкупен износ од 4 219 938 000 денари, од кои 4 120 000 000 се преку субвенции, 33 милиони денари со комбинирани средства (субвенции и сопствени пари), што значи дека ќе инвестира само околу 67 милиони денари, односно нешто повеќе од милион евра годинава свои пари за останатите проекти.

Останатите проекти се однесуваат за набавка на придружна опрема потребна за одржување на возниот парк и за остварување на физичкиот обем на превозни услуги, како и разни градежни работи: изградба, реновирање, санирање, адаптирање и реконструкција на објекти – се вели во програмата на претпријатието.

Но, како што наведуваат од ЈСП „остварувањето на наведените инвестициони проекти е во директна зависност од обезбедување на средствата за нивна реализација“.

Што значи, ако има пари нешто ќе се реализира, ако не плановите во програмата за инвестирање ќе останат само записи на хартија.