Специјален совет на чело со министерот за финансии, Драган Тевдовски ќе врши контрола врз трошењето на јавните пари од страна на институциите. Во Советот за управување со јавните финансии ќе членуваат високи претставници од повеќе институции, а по потреба ќе бидат ангажирани и надворешни експерти. Една од клучните задачи на Советот ќе биде да ги дисциплинира институциите поревносно да ги спроведуваат препораките од ревизорските извештаи, откако Владата констатираше дека се спроведуваат само една третина од нив.

Ова тело ќе биде тоа кое ќе ја зајакне работата врз институциите, со цел да ги имплементираат мерките и препораките коишто ги даваат државните ревизори по утврдена ревизија во одредени институции. Главна цел на овој совет ќе биде континуирано да обезбедува целосна поддршка при остварување на реформските цели“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Влада на РМ.

Советот ќе треба да следи дали се спроведува „Програмата за управување со јавните финансии“, која беше донесен пред неколку месеци. Таа содржи седум приоритети и има цел да ги лоцира клучните слабости во управувањето со народните пари и да ја подобри ефикасноста на нивното трошење. Програмата предвидува и формирање Фискален совет до 2019 година, кој треба да биде составен од независни експерти. Новото тело, формирано на вчерашната владина седница ќе се состанува на секои шест месеци, а по потреба и почесто.