Дали се сигурни Вашите депозити во нашите банки? Е легитимно прашање кој секој штедач си го поставува… Особено деновиве. Она што денес ме испровоцира да пишувам, ова што долго време го мислам е синхронизирата доза „сигурност“ која вчера пробуваат да ни ја вбризгаат маргиналци. Да одиме по ред.

Во емисијата „Економски магазин“ вчера, некојси shadyass „експерт“ од МБА, кој првпат го гледам, ја убедува јавноста дека депозитите се сигурни во нашите банки и констатира дека не знаел кој и зошто пишувал за сигурноста на депозитите и ја вознемирувал јавноста. Јас, ево, не знам, дали овој лик последниве шест месеци бил во Уганда или Мексико, или има селективна меморија, па затоа би го потсетил дека една банка пропадна преку ноќ, Еуростандард Банка. Ако живее во паралелен универзум и му цветаат рози, нека ми даде негов маил да му ги испратам сите писма од здруженијата Оштетени Штедачи и Правда за Штедачи кои стигаат до редакцијата на БанкоМетар.мк за да му го разбијам розовиот ентузијазам. Јас тие јавно писма не ги објавувам, од проста причина што чувствувам презир за тие луѓе од причина што ќе ја наведам подолу. Така да, сам да се правиш будала, и да го изјавуваш ова, стварно треба да си јак дебелокожец.

Во оркестрираната какафонија за сигурноста, по нарачка претпоставувам, излезе и еден текст од еден кондомско-плагијаторски партал-портал кој на плитката маса им го внесува истиов клин на сигурност. Направиле и некаква си анализа, по мое скромно мислење, со тежина од анализата на составот на тоалетна хартија и на перфиден начин преку милион цифри им влеваат сигурност на нивните читатели. Толку и за нив, не вреди времево кое го трошам на нив….

Зошто не ги објавувам писмата на штедачите на Еуростандард Банка? Ево вака јавно, за прв пат, ќе Ви се обратам Вас, оштедениве штедачи и оние кои барате правда. Добро бе луѓе со кој ум му доверуваш пари на транзициски хохштаплер, олигарх, обична висока лопужа од деведесеттите, лажго и манипулатор кој стекнал огромен имот и ресурси во само 20 години, во таа висина што седум генерации чесно не можат да го спечалат? Како да му верувам на таков хохштаплер? Банката ја води ИТ службеник… Дали сум нормален париве да ги дадам да ми ги води ИТ нерд? Убаво ви направија… А убаво и на Кокија му го наполнавте носон а тој Вас газот… И престанете да ми праќате писма со кукање, лелекање, патетични приказни и останати глупости… На никого не му е гајле… Да не консултиравте пред да ги депонирате парите, во ред… Вака што сега… Ама кога ги депониравте не се консултиравте… Тогаш беше филмот знаеш близок сум со Трифун, ово-оно… Тоа е кога не сте видовити ко бившата министерка за феминизам и себепромоција која на крај и вас ви го фпури и сега исчезна. Нејзе да ја прашате како ги извадила парите и како знаела што следи.

Една генерална порака имам до сите штедачи во сите банки: Тоа е приказна од најмудриот човек кој го имам сретнато што ми ја кажа еднаш, и оди вака: Се вратил некој Турчин во Охрид од повеќедецениска печалба во Германија. Донесол неколку стотици илјади германски марки печалба. Одма „хиените“ се собрале околу со „бизнис-решенија“ за парите. Во недоумица, и незнаејќи на кого да верува, отишол кај локалниот оџа за совет што да прави, што да инвестира со толку пари… На кого да му ги даде парите за да ги работи… Оџата му рекол: Да одам да го читам Куранот, и дојди утре, ќе ти кажам што – како… Отишол овој утредента и му вика: Здраво оџа, дали најде што бараше за инвестициите? На ова оџата му одговорил: Најдов, прочитав и таму стои вака – во чужда рака само една работа на светот растит…

Кој разбра – разбра…

Веќе кога сте решени да штедите, штедите во реномирана, посигурна и банка за која имат „баз“. Кои јас би ги одбрал… Ево на пример : Халк, зошто, па сега неодамна матичната државна банка од Турција ги поткрепи со нови 20 милиони евра. Би штедел во Комерцијална, зошто? Па нон-стоп се докапитализира и има доминанта позиција, ја води професионален менаџмент, акциите се најтргувани на берзата. Затоа се прашува пред да се стави депозитот. Има и подобри опции во финтекот на силен конгломерат кој работи во Македонија и кои ги респектирам и мислам се на права патека. Но почнале од нула… Ова е решение доколку морам да штедам…

Но зошто да штедите бре луѓе? Абре колку ќе земете камата? 1-2% годишно? На 10.000 евра годишно 100 евра? Е голема работа сте завршиле… Инвестирајте, Инвестирајте и Инвестирајте… Тоа прави пари, не прави штедењето пари….

Јас да ја водам монетарната политика во земјава, автоматски би го прекопирал актуелниот западен модел на негативни каматни стапки. Како во сите банки во Германија. Негативна камата на депозитот. Си депонирал 10.000 евра – за една година ќе имаш 9.900 евра на сметката. Парите надвор од банките – во инвестиции. Нема дискусије…Ама како што доцниме во се, така и овде, но ова има вакви опасни последици. Последиците произлегуваат од многу фактори, но еден мој совет запаметите – банка не пропаѓа со најава… Тоа се случува преку ноќ…. Оп, завршуваш со лута пиперка… Оди ти после жали се… Заради тоа, Народната Банка треба да го превземе западниот систем на негативни каматни стапки, штедењето во банките да стане неисплатливо, штедачите да ги извадат парите од банките и или ќе инвестираат или ќе трошат. Двата сегменти ќе ја размрдаат оваа калдисана економија. Банките да си најдат пари на светскиот капитален пазар. Таму, ако се добри и професионални, ќе најдат пари по поефтини цени од домашните депозити. Ако не се, нека пропаднат и излезат од пазарот. Секако финтекот ќе ги замени…

 

Наум Димитровски