Македонија е на 54 место според Индексот на глобални можности (Global Opportunity Index) за 2023 година кој ја мери привлечноста на земјата за меѓународните инвеститори. На претходната ранг листа земјава беше на 53 позиција

Институтот Милкен го дизајнирал овој индекс со цел да им помогне на инвеститорите кои бараат можности надвор од нивните локални пазари. Индексот се базира на 100 индикатори класифицирани во пет категории: деловната перцепција ги мери ограничувањата со кои се соочуваат бизнисите и леснотијата на бизнисите да ги решаваат споровите, економските основи ја доловуваат макроекономската перспектива на земјата и потенцијалот за иден развој, финансиските услуги го мерат пристапот на една земја до финансиските услуги, институционалната рамка го доловува степенот до кој институциите на една земја помагаат или ја попречуваат деловната активност, меѓународните стандарди и политики мерат колку една земја е интегрирана во меѓународната заедница.

Според овие параметри, земјава во однос на деловна перцепција е рангирана на 42 место, кај економски основи на 77 позиција, во делот – финансиски услуги (46), институционална рамка (71) и кај меѓународни стандарди и политики е рангирана на 61 место. Македонија е зад, Словенија која е на 26 позиција, Бугарија на 46 позиција и Црна Гора која се најде на 50 место. Зад нас се  Србија (59), Хрватска (64), Грција 71 и Албанија (73).