И покрај тоа, многумина се обидуваат да го глорифицираат албанскиот туризам и да го опсипуваат со комплименти, а во исто време го омаловажуваат туризмот на Хрватска, ваквите споредби се бесмислени, анализира Индекс.хр. Секако, има многу простор за подобрување на понудата, структурата, видот, квалитетот и профитабилноста на хрватскиот туризам, но нема многу смисла да се прави споредба со земја во која овој сектор од економијата е помалку развиен во речиси секој поглед.

Не треба да се занемарат и импресивните резултати на албанскиот туризам, кој бележи значителен пораст на пристигнувања, но во Хрватска доаѓаат сосема различни туристи отколку во Албанија. Во првите четири месеци од годинава, од 1,63 милиони странски државјани кои отпатувале во Албанија, мнозинството се од регионот на Јужна Европа, дури 1,4 милиони (околу 85 проценти). Само 0,47 милиони дошле од регионот на Западна Европа, а 0,26 од регионот на Северна Европа. Од друга страна, Хрватска има значително различна структура на странски туристи. Во првите четири месеци од годинава, 17 отсто од странските туристи дошле од Словенија, 16 отсто од Германија, 11 отсто од Австрија, 6 отсто од Италија и 5 отсто од Велика Британија. Гледано во цела година, во 2022 година најголем број ноќевања оствариле туристи од Германија (24,9 милиони), Словенија (10,1 милиони), Австрија (8,2 милиони), Полска (6,7 милиони), Чешка (6 милиони) и Италија (4,2 милиони).

Споредувањето на туризмот во Хрватска и туризмот во Албанија, особено цените, е како да се споредуваат цените и стандардот на населението во Германија, Словенија и Австрија со цените и стандардот на населението во Северна Македонија, Грција и Црна Гора. Станува збор за споредба на туристичкиот пазар кој доминантно опслужува гости од развиените и богати земји од Западна и Централна Европа со туристичкиот пазар кој доминантно опслужува гости од далеку посиромашните и помалку развиените земји.